Претседателот на шпанската покраина Каталонија, Карлес Пигдемонт, изјави дека 12 лица загинаа, а 80 се повредени на шеталиштето Лас Рамблас во центарот на Барселона, кога комбе влета во толпата на преполниот плоштад.
Според информациите на локалните медиуми, потврдени и официјално, во нападот се убиени 13 а повредени според последните проценки над 80 пешаци. Бројката на повредените постојано расте. Меѓу повредените, според локални извори, има и деца.
Во обраќањето до новинарите, Пигдемонт истакна дека приведени се две лица поврзани со терористичкиот напад во Барселона.
Каталонската полиција соопшти дека полицијата го убила возачот на автомобилот, откако со возило удрил во двајца полицајци.
Терористичката група Исламска држава презеде одговорност за нападот.
Градоначалничката на Барселона, Ада Колау, изјави дека денеска на централниот плоштад во Барселона ќе биде одржана почест за жртвите од нападот.