Mинистерството за труд и социјална политика испрати допис до детските градинки со кои ги информираат за потребата од двосменско работење од први септември. Првата смена ќе трае од 07:00 до 14:30 часот, а втората од 14:00 до 21:30 часот. Работна ќе биде и секоја прва сабота во месецот, од 08:00 до 16:00 часот.
Градинките кои во својот состав имаат повеќе објекти и групи во други просторни услови, двосменското работење и првата работна сабота во месецот ќе може да го организираат во еден или повеќе објекти, согласно потребата на децата и родителите. За да се направат реални проценки, до градинките е доставен и анкетен лист за секој родител, со кој ќе се утврди потребата од воспоставување на двосменско работење и прва работна сабота во месецот, информираат од Министерството.
Досега шест градинки веќе ја потврдиле потребата од воведување втора смена во: Гевгелија, Кочани, Радовиш, Охрид, Тетово и Прилеп. Досега ваква можност нудеа само четири градинки на територијата на цела држава.
По добивањето на резултатите од извршената анкета за потребата од воспоставување на двосменско работење ќе се утврди точниот број на установи кои ќе работат во две смени. Тоа, додаваат од Министерството, ќе предизвика и потреба од вработување дополнителен кадар во овие установи.