Џафери: На седниците на работните тела ќе се канат претставници од граѓанскиот сектор

Сподели

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери му одговори на премиерот Зоран Заев на неговото писмо со честитка за водењето на парламентот во првите 100 дена.

„Почитуван претседателе,

Примете ги мојата лична благодарност и благодарноста на пратениците на Собранието на Република Македонија, претставничкиот орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, за искрените честитки за работењето во првите 100 дена на Собранието. Транспарентноста и приближувањето до граѓаните е обврска на избраните претставници од граѓаните, пратеници на кои граѓаните го довериле суверенитетот, а ние, пратениците, со донесувањето на законите и останатите акти од надлежноста на Собранието добиената доверба нé обврзува да ги исполниме очекувањата на граѓаните на Република Македонија, а во тоа огромна е и одговорноста на Владата на Република Македонија.

Дозволете ми искрено да ја поздравам транспарентноста, отвореноста, решителноста за реализација на планот 3 – 6 – 9, а со тоа и целосната вклученост на Собранието во реализацијата на процесот за полноправно членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО, активности кои Собранието во изминатиот период ги реализираше, а времето кое што следи, ќе ја потврди решителноста и безрезервната поддршка на граѓаните за членување во ЕУ и НАТО.

Надзорната функција на Собранието и на работните тела на Собранието мора да биде редовна и рутинска, во најголем обем и транспарентна, во насока на целосната информираност на пратениците од Македонија, бидејќи ние во нивно име и за нив ги носиме одлуките. Безбедносните и разузнавачките служби мора да подлежат на редовна и рутинска контрола од надлежните работни тела на Собранието, а во остварувањето на тоа, основав и ќе раководам со работната група составена од пратеници од сите парламентарни пратенички групи. Се надевам дека по завршувањето на локалните избори ќе имаме насоки и решенија за непречена, редовна и рутинска и надзорна функција на Собранието и на надлежните работни тела. Дозволете ми да напоменам дека на средбите на работната група ќе ги поканувам, а убеден сум дека активно ќе учествуваат и претставници на Владата и на безбедносните и разузнавачките служби.

Граѓанското општество треба и мора да биде коректор, да ги надгради и придонесе законите и актите што ги донесува Собранието да се оживотворат, применат во секојдневното живеење и работење на граѓаните и правните субјекти во Републиката. Деловникот на Собранието ќе се измени и дополни во членовите кои го регулираат учеството во работата на работните тела на научни, стручни и јавни работници со обврска на седниците на телата да се канат, а со тоа и активно да учествуваат претставниците на граѓанското општество. Деловникот на Собранието исто така ќе се дополни, а со тоа ќе се овозможи работните тела да одржуваат подготвителни седници на кои ќе се канат и ќе учествуваат претставниците на граѓанското општество.

Клубот на пратеници и Постојаната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот се активни и во периодот кој е пред нас и ќе го дадат својот придонес во реализација на Планот 3 – 6 – 9. Собранието во Деловникот го има регулирано прашањето на пратеничките прашања, а идејата, односно подготвеноста на Владата за целосна транспарентност и надзор да се овозможи поставување на пратенички прашања на почетокот на новосвиканата седница во времетрање од еден час, Ве уверувам ќе се реализира по завршувањето на локалните избори. Парламентарните партии, на координација ќе го усвојат заклучокот кој ќе биде изготвен од работната група раководена од моја страна, искуствата од примената на заклучокот ќе бидат преточени во Деловникот на Собранието. Убеден сум дека во изнаоѓањето на решенија за пратеничките прашања активно ќе учествуваат и претставници на Владата.

Собранието на Република Македонија било и секогаш ќе биде дом на демократијата, отвореноста, спротивставените мислења и ставови се основата за градење и зајакнување на демократијата во Република Македонија. Законодавната власт и извршната власт се нераскинливо поврзани во остварувњето на потребите на граѓаните и правните субјекти, градењето на реформски чекори, целосното почитување на слободите и правата, владеењето на правото и правната држава целосно ќе ги реализира евроатланските перспективи на Република Македонија“ се вели во одговорот на Џафери.