Потпишана Заедничка изјава за партнерство и соработка меѓу Македонија и Норвешка

Сподели

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров денеска престојуваше во возвратна посета на Осло и средба со својот норвешки домаќин, министерот за надворешни работи, Борге Бренде. Посетата доаѓа по само неполни два месеца од јунската посета на норвешкиот министер Бренде на Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).

Министерството за надворешни работи на Република Македонија соопшти дека на средбата беше означено отворањето на ново поглавје во односите со норвешката демократија, што беше одбележано со потпишување на Заедничка изјава за партнерство и соработка меѓу Република Македонија и Кралството Норвешка.

„По тој повод министерот Димитров го поздрави фактот што токму Норвешка, како докажана нордиска демократија, препознала нова надеж и нов почеток во Македонија. Димитров изрази и особено задоволство што нордиските земји ни стануваат толку блиски пријатели и што оваа регионална посета завршува со потпишување на изјава за конкретна поддршка на реформските напори на Македонија”, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Македонија.

Се додава дека министерството за надврешни работи на Кралството Норвешка денеска објави јавен повик за реформска помош насочена кон зајакнување на ЕУ интеграцијата на Македонија.

Престојот во Осло, министерот Димитров го искористи и за средба со поранешниот норвешки министер за надворешни работи Кнут Волебек.

Посетата на Осло означува крај на регионалната посета на нордиските земји во рамки на која покрај Норвешка, беа посетени Данска, Шведска и Финска.