Од 1. октомври се враќа евтината струја

Сподели

На денешната владина седница донесена е одлука од 1 октомври да се врати евтината струја, соопшти денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев.

Мерката ќе чини осум милиони евра, пари кои, како што рече Заев, ќе се вратат кон граѓаните. Евтината струја ќе биде во периодот од 14 до 16 часот и од 22 до 7 часот секој ден, додека во недела ќе биде во текот на цел ден.

– Ја вративме евтината струја за да го олесниме животот на граѓаните. Во Македонија може да се живее добро, ако заедно се заложуваме. Оваа мерка води кон живот за секого во Македонија – рече Заев.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев рече дека мерката ја донеле во консултации со сите чинители во енергетските процеси и по претходно направена целосна анализа.

– Заштедите во МЕПСО и ЕВН, односно нивното домаќинско работење ќе биде пренесено како бенефит за граѓаните, а особено за најсиромашниот дел на населението – рече Анѓушев, кој додаде дека ЕВН нема да добие никаква субвенција за оваа мерка, туку парите ќе се обезбедат преку кратење на непродуктивните трошоци.

Тој потенцираше дека мерката не е временски детерминирана и таа нема да придонесе за зголемување на цената на струјата, бидејќи таа зависи од нејзиното движење на берзата.