Премиерите од Западен Балкан утре на неформален состанок во Драч

Сподели

Премиерот на Албанија, Еди Рама, утре во албанскиот град Драч ќе организира неформална средба на премиерите од Западен Балкан, на темата продлабочување на регионалната интеграција, со фокус на економијата и трговијата.

На оваа средба ќе учествуваат премиерот на Македонија Зоран Заев, премиерот на Косово, Иса Мустафа, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, како и европскиот комесар за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, и Кирил Мулер, заменик-претседател на Светската банка за Европа и Централна Азија.

Во рамките на еднодневниот состанок ќе се одржат различни работни сесии, на коишто ќе се дискутира за теми како трговија, услуги, инвестиции и дигитална економија.

Според соопштението, се очекува премиерите од Западен Балкан да разговаараат и да гарантираат максимално ангажирање на високо ниво, во насока на спроведување на повеќегодишниот Акциски план за регионалната економска зона, што беше договорено на Самитот во Трст.