Зголемување на капацитетите на охридскиот аеродром и негово промовирање во аеродром за нискобуџетни компании кои ќе нудат летови за поголем број дестинации, е една од заложбите на Владата за развој на воздушниот сообраќај во земјава.
Ова прашање денеска го отворил министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на средбата со претставници од нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“, на која било разговарано за соработката меѓу Владата и авиокомпанијата околу поддршката и развојот на авиосообраќајот во Македонија.
– Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид е неискористен потенцијал и во таа насока ќе се обидеме да го раздвижиме авиосообраќајот и на тој аеродором и да обезбедиме што повеќе дестинации од страна на нискобуџетни компании. Тоа е и една од мерките предвидени во програмата на Владата на Република Македонија. Нашите заложби како Влада и понатаму се континуирано подобрување на авиосообраќајот во Република Македонија – рекол Сугарески на средбата со претставниците на „Виз ер“.
Тој истакна дека Владата и Министерството за транспорт и врски кон сите авиокомпании што работат на македонскиот пазар, вклучувајќи ја и компанијата „Визер“, гледа како партнер во развој на авиосообраќајот во земјава.