Пратеничката група на СДСМ пред почетокот на собраниските седници, што треба да се одржат следната недела ќе поднесе пакет закони што ги опфаќа предлог-законите за минимална плата, за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, како и регулативата за укинување на радиодифузната такса.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев рече дека за овие закони поддршка побарал и од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Беса.
– Вчера и денеска побарав поддршка за овие закони од сите пратенички групи. Очекувам овој пат, интересот на граѓаните да биде пред партискиот интерес, изјави Тунтев.
Тој додаде дека законите се поднесуваат по скратена постапка откако се обезбедени средства со донесениот ребаланс на Буџетот.
Со законот за минималната плата ќе се усогласи минималната плата на вработените во текстилната и индустријата за производство на кожа, како и покачување на минималната плата на 12.000 денари нето. Со т.н закон за стечајци ќе се овозможи материјално обезбедување на над 3.500 лица односно лица кои најмалку 15 години биле во работен однос во претпријатија во државна сопственост и кои на денот на стапување на сила на законот ќе бидат на возраст од 52 години за жени и 55 за мажи. Тие ќе стекнат право на паричен надомест во висина од 7.596 денари месечно. Укинувањето на радиодифузната такса, како и мерката за враќање на евтината дневна и викенд тарифа на струјата, според Тунтев, ќе го помогне домашниот буџет кај сите граѓани.
Со оглед на локалните избори Собранието, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, најверојатно ќе заседава најдоцна до 25 септември, и исклучително е важно работата на Парламентот во наредниот период да биде ефикасна и со конкретни резултати. Искуството со седницата за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлески, според Тунтев, говори дека се можни нови блокади.