Владата ги задолжи министерствата да ги прегледаат сите вработувања по распишувањето на предвремените избори

Сподели

Владата донесе одлука да се изврши проверка на законитоста на сите вработувања од денот на распишување на предвремените парламентарни избори до денот на изборот на Владата на Република Македонија.

Се задолжија сите министерства во рок од 15 дена да извршат проверка на податоците за вработувањата во овој период во министерствата и во органите во состав на министерствата. Државниот управен инспекторат и Државниот инспекторат за труд се задолжени веднаш да поведат постапки за вршење на вонреден инспекциски надзор за примената на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор во однос на постапките за вработувањата од денот на распишување на предвремените парламентарни избори до денот на изборот на Владата во сите институции, установи и органи што ги применуваат Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор во постапките за вработување на јавни службеници, соопшти владината служба за информирање.