Обраќање на премиерот Заев на Генералното собрание на ОН: Владата е посветена на демократијата, човековите права и владеењето на правото

Сподели

Премиерот на Македонија, Зоран Заев се обрати на Генералното собрание на Обединетите нации од каде што истакна дека владата што тој ја предводи е посветена на демократијата, човековите права и владеењето на правото.

-Македонија и четврт век по приемот во ОН се уште има отворено прашање за името со Грција што предизвикува последици за земјата и додаде дека Македонија и Грција започнуваат да имплементираат мерки за доверба, откако во минатото и двете земји направиле грешки.

„Привремената спогодба од 1995 година ги постави темелите за нормализирање на односите меѓу Македонија и Грција. Во моментов двете земји имплементираат мерки на градење доверба. Ова е многу позитивен развој, имаме свеж инпут да го надминеме долготрајниот билатерален спор. Би рекол дека и двете страни направија одредени грешки во минатото, но главната цел сега е да го затвориме прашањето. Цврсто верувам дека треба да го фатиме моментумот, да разговараме искрено и да го разрешиме спорот. Ги цениме напорите на посредникот Метју Нимиц и верувам дека има начин да се надмине проблемот што го има Грција со нашето уставно име“, изјави Заев во Њујорк.

Тој истакна дека државите мора да се фокусираат на имплементација на нов одржлив развој и да се создаваат нови начини за пријателство и партнерство.

– Уверен сум дека ја имаме истата цел – мир во светот. Уверен сум дека ги делиме истите заложби. Уверен сум дека на заедничките предизвици ќе одговориме со заеднички решенија. Мирот, заложбата за пристоен живот и заедничките решенија се вредностите преку кои Република Македонија успеа да надмине длабока политичка криза која дури го брануваше и нашиот регион. Ние сме мала земја полна со различности. Минавме низ тешки искушенија, бидејќи се обединивме околу заедничките вредности. Затоа Република Македонија денес е слободна безбедна и стабилна. Република Македонија е пријател со своите соседи и цврсто ориентирана кон целосна интеграција во НАТО и ЕУ, нагласи премиерот Заев.

Заев оцени дека се потребни најразлични начини за справување со се почестите конфликти и терористички напади во светот, а тоа, според него, може да се постигне само доколку државите се обединети.
– Унапредувањата на човековите права, демократијата и владеењето на правото мора да бидат во центарот на нашите активности – порача македонскиот премиер, додавајќи дека огромните прекршувања на човековите права низ целиот свет, неказнивооста и недостатокот од одговорност, потсетуваат дека треба уште многу да се направи на овој план.