Размена на искуства и најдобрите практики од Европската унија и регионот за минимизирање на негативните последици за излез на компаниите од пазарот, е целта на првата Меѓународна конференција за стечај и ликвидација, организирана во рамките на ИПА Проектот за зајакнување на административните капацитети за имплементацијата на законската рамка за стечај и ликвидација на трговските друштва, финасиран од ЕУ, што денеска и утре се одржува во Скопје.
Со конференцијата се заокржуваат проектните активности реализирани во изминатите 17 месеци со кои се направи анализа за пропустите во законската регулатива во Македонија во споредба со европското законодавство во доменот на стечај и ликвидација и се направени бројни обуки и тркалезни маси на кои присуствуваа околу 500 претставници од релевнтните институции. Заклучоците од конференцијата ќе бидат имплементирани во дневниот ред на Работната група што ќе ја формира Министерството за економија за измена и подобрување на законската рамка за стечај.
Министерот за економија Кресник Бектеши во своето обраќање на отворњето на конференцијата посочи дека фактот што Проектот се реализира во рамките на Министерството за економија ја наметна потребата редовно и со внимание да бидат следени проектните активности на кои, како што рече, детално е дебатирано за примената на постојната законска регулатива.
– Уверен сум дека од овие активности придобивки ќе имаат бизнис секторот и целото стопанство. Ќе формираме посебна Работна група за разгледување на препораките од Проектот, како и од бизнисот за подобрување на законската рамка за стечај. Во неа ќе учествуваат и институции кои ја имплементираат законската рамка и од нив ќе се очекуваат предлози за законски решенија кои ќе доведат до поефективно и поефикасно спроведување на стечајната постапка, рече Бектеши.
Се предлага, додаде, и развој на сегашната регулатива за вонсудско спогодување како една од формите за превенција на стечај и рано решавање на финасиските проблеми на трговските друштва.
– Потребно е вонсудското спогодување во поголем степен да се интегрира во законската рамка за стечај и тоа во случаите на реорганизација или ликвидација. Оваа измена се очекува да има позитивно влијание врз целокупната законска постапка што ќе се одгледа во поедноставување и намалување на времетраењето на постапките, потенцира Бектеши.
Тој изрази надеж дека и во иднина ќе продолжи поддршката од ЕУ за модернизација на правната рамка за инсолвентност со нов пристап и фокус кон реструктуирањето на фирмите наместо нивна ликвидација и додаде дека Македонија не смее да заостанува зад земјите од ЕУ.
– Ќе настојуваме Македонија да ги следи и овие, но и европските насоки за зголемување на свеста за значењето на раното предупредување и навременото започнување на реструктуирањето за надминување на инсолвентноста и спасување на работните места, за зачувување на вредноста на имотот, а со тоа и на иднината на компаниите, нагласи Бектеши.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар посочи дека во Европската унија секојдневно преку 600 компнии банкротираат и оти половина од сите бизниси во ЕУ не успеваат да ги преживеат првите пет години од нивното постоење. Тој нагласи дека излезот од пазарот има негативни последици за економијата и општеството и предизвикува загуба на работни места и знаења.
– Влезот и излезот од пазарот се наоѓаат во срцето на економскиот живот и се основни за соодветно функционирање на пазарите. Ако недостатоците за влез и излез на пазарот се комплексни и ако институциите се неефективни тогаш дури и најдобрите правилници нема да помогнат, рече Жбогар, нагласувајќи дека зајакнатата предвидливост и комерцијалните односи со компаниите се многу важни.
Евроамбасадорот посочи дека тенденцијата да се модернизира правната рамка за излез од пазарот е со цел да се зголеми опоравувањето на компаниите.
– Ако навремено се почне со реструктуирање на компанијата повисоки се шансите тоа да биде успешно и доверителите да имаат поголем поврат на средствата. На тој начин им се дава шанса и на вработените и на сопствениците да бидат спасени и да дадат позитивен придонес во економијата, рече Жбогар.
Во изминатите неколку години, нагласи, Извештајот за напредокот на Македонија ги препозна подобрувањето во основање на компании, но се уште под прашање е излезот од пазарите. Прецизира дека ЕУ на Министерството за економија му врачи 1,3 милиони евра за помош за подобрување на правната рамка за напуштање на пазарот.
– Мерките што ги престави неодамна Владата за економски раст предвидуваат и помош за реструктуирање компании наместо нивна ликвидација. Тоа е во согласност со помошта која ЕУ и ја даде на земјава и ни дава доверба дека ќе имаме вистински реформи за раст и зачувување на работните места, потенцира евроамбасадорот Самуел Жбогар.