СЕ ПОМАЛКУ ГЛУПАВИ ГЛАСАЧИ! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

„И кога ве гаѓаат со камења, ве туркаат настрана, ве влечкаат наназад, вие продолжете кон својата цел, чекорејќи полека, трпејќи понижувања – и успехот е неминовен. Потоа ќе се свртите назад за да ги видите тие исти бедници, кои се уште се на истото место и истото им го прават на други. А вас ќе ве возвишуваат, зборувајќи дека тие се заслужни за вашиот успех“.

Овој прекрасен цитат на балкански писател, сосема соодветно ја опишува нашата ментална реалност. Првин ќе те дигнат до небо дури за лаги, а потот ќе те фрлат оттаму поради вистини. Но, таква награда – казна чини губење време и е полно со страдања. И сега Груевски се чуди што салата која некогаш не ги собираше, на последниот собир беше полупразна. Оти направи чудно општество, каде што сиромашните се осеќаа сѐ посити од ветувања, а богатите сѐ погладни за пари. Па затоа деновиве груевистите се расфрлија со разновидни – глупи, чудни, смешни и секакви лажни бисери.

Глуп бисер – „Расипничка влада на СДС ја доведе економијата до крах.“ А за каква економија зборуваат тие што се грижеле за луѓето исто колку и волкот за овците !? За таа ли економија што меѓународно беше прогласена за петта најслаба економија на светот!? За таа што секој миг ја рекетирале, што собирале немилосрден харач, што ја силувале (со специјалци)!? Или пак за таа економија за која расфрлија над 150 милиони евра неповратни по странски фирми, на кои им плативме сѐ за да не добиеме ништо (освен некој лично)!

Чуден бисер – „Нашите политики придонесоа најмногу за интеграцијата во ЕУ и НАТО, политиката на СДСМ е свиткана кичма“. А сите знаат дека да не дојдеше Груевски на власт, ние во 2008 година ќе станевме членка на НАТО, а во 2011 членка на ЕУ. Букурешкиот самит пропадна само поради лажниот антички патриотизам на Груевски, за да потоа пропадне и сѐ друго. И многу животи и судбини. Стигнавме до тоа, да по вмровските митинзи, НАТО беше прогласена за терористичка организација! Макотрпно добиените битки за името Груевски ги претвори во општ пораз. Проблемот со името имаше шанси да згасне само по себе, но некому тоа му требаше за да ги пополни огромните празнини, создадени од празната политика, водена од празни души и празни умови. И сега вели – „Целата операција за промена на владата е направена за решавање на името по терк на Грција“! Отровни стрели што ја погодуваат државата токму во срцето!

Смешен бисер – „Помрачувањето што сега и го прави власта на Македонија ќе заврши на 15 октомври годинава и ќе дојде нова ера со ВМРО-ДПМНЕ“. Чудно како доживуваме силите на мракот и мрачните умови да зборуваат за светлината! Тие кои праведните ги затвораа, а грешниците ги наградуваа, сега ни нудат „Нова ера“, ера во која гладните беа многу повеќе заинтересирани за еден сендвич отколку за својата слободата и достоинство! А пораката од „Новата ера“ треба да гласи – радувајте се што ве носевме низ пеколот.

Има тука и многу други лажни бисери – за „стратешките приоритети“ на кои им текна по 11 години талкање без компас како Одисеја, ама тој талкал без својата Итака. Во нормална држава таквата партија ќе беше избришана од регистар. Во нормална партија на клоци ќе беше исфрлен таков лидер. Но, нормален лидер немаше повеќе да се појави пред граѓаните. Или пак ние сме ненормалните!

Дека ние сме ненорманите или пак така не третираат, се гледа и по ова што се испофали Груевски – „ВМРО најмногу има направено за Албанците„! „Има отворено 30 илјади вработувања во Полог…“! Дури измислија функција „заменик градоначалник на Скопје“ па „исфрлија“ некој вмровски Албанец! Но, верувам дека доаѓа време на паметни гласачи. Сега веќе лошите политичарите од паметните гласачи го добиваат тоа што го заслужуваат, а од глупавите гласачи тоа што го бараат. А сѐ поамлку глупави гласачи.

За две недели треба да одлучиме – сакаме да бидеме слободни и нормални или ќе дозволиме пак да не газат и третираат како добиток!? Сакаме ли на младите и идните генерации да им обезбедиме достоен живот или ќе ги дадеме да бидат робови на една злогласна фамилија!? Сакаме ли нормално здравство или болно здравство!? Сакаме ли да ги повратиме украдените наши милијарди или ќе дадеме пак да не опљачкаат сѐ до гола кожа!? Ќе се продадеме ли пак за вреќа брашно и пакет зејтин!? Тоа ли е цената за уште да ја прокоцкаме судбината наша и на нашите потомци!? Мора да разбереме дека ние имаме потреба од живеење, а не од преживување!

Новата власт треба да продолжи со болните реформи. Со решавање на со години создадени и насобрани проблеми. Супстанцијалните реформите не се ниту лесни, ниту привлечни, но се неопходни. Новата власт прави гигнтски чекори во надворешен план, но бавно се движи на внатрешен план. Факт дека не е лесно од тотално разорена куќа и до гуша во долгови, да направиме функционален дом, ама е важно да се движиме и да се придржиме кон принципите, правото и моралот. Тоа воопшто не е лесно кога е во прашање изборот меѓу убаво облечената лага и голата вистина. Можно е некој тендер е сосема праведен, но самиот факт што сме власт, тоа се коси со моралот. Сеуште кај нас тендерите асоцираат на злоупотреба, иако не мора секогаш да биде така. Транспарентноста ќе треба да не учи на спротивното.

Треба помалку да гледаме на историјата, а повеќе во иднината. Абрахам Линколн кажал – „Знам кој ми бил дедо, ама сепак повеќе се грижам што ќе биде со мојот внук“. Ние треба да го деконтаминираме и јазикот, оти јазикот е поопасен и од самиот отров. Отровот ќе убие еден човек, а јазикот може да направи масовно труење. Затоа срцето на водачот треба да биде во неговата глава. Власта ќе биде добра тогаш кога ќе се практикува како што Паганини ја практикувал виолината.