МАНУ денеска одбележува 50 години од своето постоење

Сподели

Македонската академија на науките и уметностите денеска одбележува јубилеј 50 години од формирањето.
На Свечена академија што ќе се одржи по тој повод ќе се обратат претседателот на Македонија Ѓорге Иванов и претседателот на МАНУ академик Таки Фити.

Во рамки на одбележувањето покрај музичката програма ќе биде прикажан филмот „50 години МАНУ“.
МАНУ е основана на 23 февруари 1967 година, а нејзин прв беше Блаже Конески.

Членовите на МАНУ се избираат на секои три години на Централното собрание на Академијата и од формирањето досега МАНУ имала 154 членови, од кои сега 41 се со статус на редовни членови, а 33 се со статус на членови надвор од работниот состав.

Досега имала и четири почесни членови и тоа Коле Чашуле, Јосип Броз – Тито, Едвард Кардељ и Борис Евгенович Патон.

Најстар академик е Ѓорѓи Филиповски (1919), а најмлад Абдулменаф Беџети (1959).

МАНУ е членка на ЦЕН (Мрежата на академиите од централна и Источна Европа) и СЕЕА (академии од југоисточна Европа).

На редовна основа на заеднички научно-истражувачки проекти МАНУ соработува со Европската академија на науките и уметностите, Друштвото на науките „Лајбниц“ од Берлин, Бугарската академија на науките и националните академии на науките на Украина, Русија, Полска, Романија, Унгарија, Србија, Црна Гора, Словенија, Косово и Турција.

МАНУ досега има издадено околу 1.690 научни трудови од сите сфери на науката и уметностите. Изданијата опфаќаат поголем број на стручни монографии, зборници на трудови, научно-истражувачки проекти и студии, збирки, каталози и уметничка книжевност на македонски и англиски јазик.