Низ босанскиот град Тузла денеска се шири мирисот на бурекот и ќебапите. Илјадници граѓани се собраа на Плоштадот на слободата, каде се обидоа да го соборат Гинисовиот рекорд во правење на најголемиот бурек на светот, кој е подготвуван во тепсија долга шест метри, јавува Anadolu Agency (AA).
Бурекот тежи околу 650 килограми, што е помеѓу 4 и 5 илјади порции, шест часа е подготвуван во локален ресторан, чиишто кувари развија јуфки долги 1,5 километар.
Првобитно било планирано да се направи порција од илјада ќебаби, па потоа е зголемена на 1.500 ќебапи.
„Ќе го поделиме бурекот со народот и дел ќе им испратиме на службите кои за нас се грижат 24 часа а тоа се пожарникарите, брза помош, полиција и Универзитетскиот клинички центар. Секако, имаме многу донации денеска од повеќе компании и институции кои работат со деца”, изјави Омер Исовиќ, организатор на првиот тузлански Гастро шоу.
Исовиќ најави дека во рок од три месеци ќе стаса и потврдата дали е соборен Гинисовиот рекорд и додаде дека до сега најголемиот бурек на светот е направен во Љубљана долг 5,5 метри, но не влегол во Гинисовата книга на рекорди.
„Со бурекот и ќебапите сакавме да свртиме внимание на домашната и светската јавност на нашите традицонални јадења, ако Словенците го заштитиле ќебапот, тој е босански и секогаш ќе биде. И уште нешто да ви кажам за крај, бурекот е со месо”, порача Исовиќ.
Освен соборувње на рекордот, целта на настанот е и да се промовира вредноста на купување домашни производи.
На оваа манифестација учествуваат и бројни кулутно-уметнички друштва, хорови, оркестри и спортски клубови.