Денешниот изборен ден во Општина Карпош почна со неколку неправилности. Околу 10:30 часот на избирачкото место со број 2645 било забележан обид на таканаречен бугарски воз каде што набљудувачите веднаш реагирале, и истото место било затворено.
Екипа на ТВ 24 беше на терен, гласачкото место со број 2645 беше отворено за гласање но претставниците од избирачкиот одбор не сакаа да дадат одговор на прашањата дали имало обид за изборни нерегуларности, односно за бугарски воз.
Во однос на информациите за Бугарски воз во избирачкото место 2686, претседателката на избирачкиот одбор Катерина Младеновска вели дека не станува збор за т.н. „бугарски воз“, туку дека гласачот по грешка две ливчиња ставил во една кутија.
„Станува збор за еден позворасен гласач, кој две различни ливчиња со идентична големина ги стави во една иста кутија и кога дојде ред на другите кутии да му останат три ливчиња, тој имаше само две.Веднаш го сопревме избирачкиот процес, беше повиката општинската изборна комисија и полицијата и на лице место утврдивме дека двете ливчиња биле залепени, што утврдивме, бидејќи кутијата е прозирна.“- вели Катерина Младеновска – претседателка на избирачки одбор во гласачко место 2686.
Претседателот на граѓанското здружение Цивил-Центар за слобода, на денешната прес конференција изјави дека во текот на вчерашниот ден набљудувачите на Цивил во ресенскиот регион регистрирале активисти на политичка партија кои вршеле поткуп на гласачи за 4.500 денари. Случајот бил пријавен во полиција.
„Во извештајот кој дојде до мене и кој е верификуван, стои дека имало иполициска интервенција и дека поткупот бил точно 450 денари за целото семејство, но овие двајца совесни граѓани не ги прифатиле парите и ги известиле властите за тоа.“ – изјави Џабир Дерала – претседател на граѓанското здружение Цивил-Центар за слобода.
Од МВР информираат дека до 14 часот се примени уште 19 пријави по однос на изборни нерегуларности, како поткуп на гласачи, носење гласачи на избори, фотографирање на гласачко ливче, како и гласање за друг.