Потпишан Меморандум за разбирање за меѓусебна соработка меѓу САМИТ 100 и Коморскиот инвестициски форум

Сподели

Вчера во Скопје, во рамки на 6-тиот годишен САМИТ100, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу регионалната платформа САМИТ100 и Коморскиот инвестициски форум на шест земји од Западен Балкан (WB6 CIF) – тело за регионална соработка на коморите од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора. 

Форумот e формиран е на маргините на Самитот во Трст за Западен Балкан. 

Според потписниците на Меморандумот, Претседателот на Управниот одбор на САМИТ100, Живко Мукаетов, и претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, целта на меморандумот е да ги обедини силите од приватниот сектор и силните регионални компании да работат заедно на спроведувањето на договорените проекти од Берлинската иницијатива.

 

„Годинава во Скопје, регионалната соработка на Самит 100 е официјализирана преку потпишување на Меморандум за меѓусебно разбирање и соработка на нашата платформа со Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6. Меморандумот се однесува на поттикнување на деловната соработка и унапредување на конкурентноста на регионалната и националните економии“, рече Живко Мукаетов во рамките на своето обраќање. 

Осврнувајќи се на темите дискутирани во рамки на САМИТ100 и продлабочување на поврзаноста во регионот преку соработка на теми како побрза трговија со стоки и услуги, транспорт, енергија и брендирање на потеклото, Чадеж изјави:

 „Сакаме да помогнеме во остварување на тие задачи придонесувајќи во отстранувањето на царинските бариери, синхронизирање на документацијата, но и синхронизирање и на останатите процедури. Наша задача е да ја задржиме оваа тема високо на агендата и мислам дека таквата подготвеност сега постои, но не смееме да се опуштиме. Ова е прашање на опстанокот на нашиот регион“, заклучи Чадеж.

 САМИТ100 на Бизнис лидери од ЈИЕ претставува уникатна бизнис иницијатива која на едно место ги собира најеминентните бизнис лидери од Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Косово и Албанија.