Грчка полиција потврди за АА: Приведени двајца полициски службеници од Македонија

Сподели

Двајцата полициски службеници од Македонија кои се наоѓаат на црвената листа на барани лица, се фатени во грчкиот град Солун потврди за Anadolu Agency (AA) грчката полиција.

Според информациите добиени од страна на грчката полиција за AA, двајцата 51 и 35 годишните полициски службеници кои се бараат од страна на Македонија со црвена листа на Интерпол, се фатени на Меѓународниот аеродром “Македонија” во Солун.

Според соопштеното, полицајците кои се бараат поради кривичните дела илегално прислушување и учество во криминална група, се приведени во Полициската дирекција во Солун поради носење фалсификувани документи.

Од друга страна, македонските медиуми соопштија дека Горан Грујевски и Никола Бошковски, двајцата поранешни началници во МВР, кои од СЈО се обвинети во предметот „Тврдина“ вечерва се уапсени во Солун, Грција.

Грујевски и Бошковски повеќе од месец дена се во бегство откако Кривичниот суд Скопје 1 им одреди мерка притвор.