Котевски: Не постои причина зошто би ги враќале мандатите градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ кои победија

Сподели

И покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ не ги признава резултатите од локалните избори, од таму велат дека нема да ги повлечат своите градоначалници кои освоија мандати во пет општини. Портпаролот на партијата, Иво Котевски, за „Фокус“ вели дека немаат намера да му ја остават на СДСМ апсолутната власт со повлекување на своите градоначалници.

-Не постои причина зошто би ги враќале мандатите градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ кои победија и во вакви услови, бидејќи на тој начин само би му се помогнало на Заев и на СДС во узупрација на нивната волја и реализација на нивниот план за обезбедување на целосна власт и моќ за да може полесно да тргуваат со националните интереси – вели Котевски.

Тој го повтори ставот на лидерот на партијата, Никола Груевски, дека волјата на граѓаните била украдена со закани, притисоци, поткуп и злоупотреби на институциите. Котевски додава дека доколку изборите се одржаа во макар минимум, фер и демократска атмосфера, резултатите ќе беа поинакви.

-Најдобра проверка на сите овие факти може да добиеме на предвремени избори кои би се организирале по пржинскиот модел, односно избори во кои што ќе постои контрола врз злоупотребата на државниот апарат во партиски цели – вели Котевски.