Нова студија која се занимава со практичните, правните и техничките аспекти на идното проширување на ЕУ, доаѓа до заклучок дека само Македонија може да ги исполни сите критериуми за членство пред 2023 година, пишува Дојче веле.
Меѓу земјите кои се надеваат на членство во Европската Унија, Македонија е со најголеми шанси, се наведува во студијата на професорката Тина Фрајбург од Универзитетот во швајцарскиот Сент Гален. Студијата, првично објавена на порталот „Еурактив“, го привлече вниманието и на германските медиуми, па се најде и на страниците на весникот „Тагесшпигел“.
Целта на студијата било да утврди какви се шансите на петте земји-кандидати: Албанија, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција, да се приклучат кон ЕУ пред 2050 година, врз основа на претходно поставените рамки за придружување.
Придружувањето кон ЕУ за земјите кандидати е можно само откако ќе се исполни сеопфатната листа на критериуми и откако ќе се имплементира законодавството на ЕУ во домашната легислатива. Тоа ги вклучува сите сектори, од правосудни реформи до транспорт и енергетска политика.
Според студијата, Македонија е единствената земја која може да ги исполни критериуми пред 2023 година, додека Србија и Турција би можеле тоа да го сторат кон средината на 2030 години.
Што се однесува до Албанија и Босна и Херцеговина, тие би можеле да се надеваат на исполнување на сите критериуми дури пред 2050 година.
Професорката Фрајбург вели дека нејзината работа ја исклучува политичката димензија на проблематиката, вклучително и мораториумот на проширување од страна на Европската Комисија, како и нестабилноста во Турција, политичките проблеми во земји како БиХ, или фактот дека напредокот на Македонија е блокиран од страна на Грција поради деценискиот спор за името.
Студијата не ги опфаќа Црна Гора и Косово. Според авторката, тоа се должи на недостатокот на податоци преку кои би можела да се направи реална проценка. Фрајбург вели дека Црна Гора би можела да се спореди со Македонија „затоа што има слични карактеристики“, и оттука би можела побрзо да ги исполни условите на ЕУ.
Студијата заклучува дека проширувањето најчесто се придвижува поради напредокот и политиките на земјата-кандидат, а не како резултат на „експанзионистичката“ политика на Брисел.