Дипломатскиот клуб од Скопје дава поддршка за иницијативата, за преименување на скопскиот аеродром од “Александар Велики”, да го носи името на Киро Глигоров.
Со именувањето на скопскиот аеродром со името на претседателот Глигоров, на најдостоен начин ќе се материјализира оценката за неговата голема улога во процесот на создавањето на Република Македонија како современа држава – траен паметник во колективната меморија на граѓаните на Македонија, смета Дипломатскиот клуб.
„Нагласуваме дека од скопскиот аеродром отпочнуваа и на него завршуваа бројните „походи“ на претседателот Глигоров во светот, неговите патувања посветени на мирот и пријателството, а за меѓународно етаблирање на македонската држава. Во негово присуство овде, за прв пат, во практика се воведени протоколарните манифестации како што се веење на државното знаме, интонирање на химната, постројување на почесната гарда, со кои пред светот Република Македонија се претстави како самостојна и независна држава. Од овој аеродром полетаа и првите авиони со македонски државни ознаки“, се вели во соопштението на Дипломатскиот клуб.
Во годинава, во која се одбележува јубилејот – 100 години од раѓањето на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, се вели натаму во соопштението. Дипломатскиот клуб – Скопје, во континуитет, повеќе пати и на разни начини, го изрази своето почитување на неговото дело, а во мај оваа година, во МАНУ беше организатор и на научната конференција „Улогата на Киро Глигоров во меѓународното етаблирање на Република Македонија“.
„Во подготовка е публикацијата со излагањата на оваа Конференција и со осврти на домашни и странски истакнати личности за делото на Киро Глигоров. Поведен од одделни јавни манифестации, Извршниот одбор на Дипломатскиот клуб ја дава својата поддршка на искажаните иницијативи, во иднина, скопскиот меѓународен аеродром да го носи неговото име. Воедно, Извршниот одбор на ипломатскиот клуб ја поддржува и иницијативата на Филателистичкиот сојуз на Македонија за издавање на поштенска марка по повод 100-тата годишнина од раѓањето на претседателот Киро Глигоров“, вели Дипломатскиот клуб – Скопје.