Градоначалникот на Солун на работна посета на Скопје

Сподели

Градоначалникот на Солун Јанис Бутарис во четврток доаѓа во Скопје на средба со скопскиот градоначалник Петре Шилегов, на која ќе се договара поблиска соработка меѓу двата града, објавува „Катимерини“.

Посетата на Бутарис, наведува весникот, доаѓа во време на зголемен оптимизам во Атина за подобрување на односите кои беа нарушени од долгогодишниот спор за името, како и „по поразот на поранешниот националистички премиер Никола Груевски на последните избори и формирањето нова Влада која се смета за поотворена за разговори“.

Бутарис во Скопје ќе се сретне и со премиерот Зоран Заев, со претседателот Ѓорге Иванов и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, а е планирана средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, пренесува МИА.

Во изјава за „Катимерини“, Бутарис демантира дека неговата посета е поврзана со очекувањата на Атина за продолжување на разговорите за прашањето за името.

– Ние не се занимаваме со надворешна политика. Се обидуваме со дипломатија меѓу градовите да ги приближиме граѓаните на двете земји и заеднички да работиме за решавање на некои проблеми што ги имаме како соседи – вели Бутарис.

Посочува дека голем број граѓани на Македонија доаѓаат во Солун за шопинг забава и туризам. Целта на посетата на Скопје, вели, е да се изградат најдобри можни односи меѓу двата града.

Бутарис не сака да го коментира спорот за името пред посетата на Скопје, иако, потсетува Катимерини, во минатото се изјаснил дека е за сложено име како можно решение.