Во Република Македонија 147.000 луѓе боледуваат од хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ).
Под мотото „Многуте лица на ХОББ“, утре ќе се одбележи Светскиот ден на ХОББ, а целта е подигнување на свеста, информирање на јавноста за манифестациите, можните последици и превентивните и тераписките можности, со што би овозможиле навремено дијагностицирање и подобрување на грижата за пациентите.
Податоците за амбулантски и хоспитално лекувани болни од ХОББ на Клиниката за пулмологија и алергологија покажуваат тренд на зголемување во последните четири години (2014 година – 3.195 амбулантски и 523 хоспитално лекувани, 2015 – 3.737 амбулантски и 586 хоспитално, 2016 – 4.320 амбулантски и 610 хоспитализации, 2017 – 3.587 амбулантски (20 отсто од сите прегледи) и 654 хоспитализации (што претставува 42 отсто од сите хоспитализирани пациенти).
Во рамки на Клиниката ќе се организира работилница за пациентите со ХОББ, на која ќе им бидат поделени брошури со информации и совети за подобра контрола на болеста, како и едукација за правилно користење на инхалаторната терапија, со цел да се намали честотата на влошувања на болеста, а со тоа да се продолжи и подобри квалитетот на живот на пациентите.
Светскиот ден на ХОББ се организира секоја година од страна на глобалната иницијатива ГОЛД, во соработка со здравствените работници и пациентите со ХОББ во повеке од 50 земји. Клиниката за пулмологија и алергологија секоја година учествува во ова глобално случување, со организација на различни настани од едукативни предавања за пошироката јавност, работилници за пациентите и стручни дискусии.
ХОББ претставува прогресивна но истовремено и превентивна и третирачка болест на белите дробови, која доведува до отежнато дишење, наклонетост кон влошување на респираторните симптоми и низа пропратни сериозни болести. ХОББ е една од најчестите заболувања во светот. Претставува главен растечки здравствен проблем и постепено се искачува на трето место како причина за смрт кај возрасната популација.
Пушењето претставува главна причина за ХОББ. Други ризик фактори се аерозагадувањето, професионалната изложеност на штетни гасови, прашина, хемикалии, генетски фактори, неконтролирана астма итн. Најчестите симптоми на кои се жалат пациентите се отежнато дишење, гушење, недостаток на воздух, кашлица со искашлување на секрет, придружени со слабост, губење на апетит и телесна тежина.
Во Македонија 640 илјади лица се пушачи, односно 37 отсто од населението. Многу случаи на ХОББ можат да се спречат со избегнување на пушење или рано прекинување со оваа навика. Постојат повеке програми со цел контрола на пушењето. ХОББ е заболување кое не може да се излекува, но со современиот третман можат да се олеснат симптомите, да се подобри квалитетот на живот и да се намали ризикот од смрт. Третманот опфаќа прекин со пушење, медикаментозен третман, физичка активност и кислородна терапија.
Според податоците на СЗО, 328 милиони луѓе боледуваат од ХОББ, што претставува 5-10 отсто од светската популација, и тоа 168 милиони мажи и 160 милиони жени. Според последните истражувања на студиите, околу три милиони луѓе годишно умираат од ХОББ. Најголем процент од нив (повеќе од 90 отсто) се случуваат во слабо и средно развиентите земји.