Лицата со попреченост се реалност, тие треба да бидат видливи, да се направи функционална проценка на нивните можности и да се овозможи нивно вклучување во општеството и таму каде што е можно во пазарот на труд. За тоа да се реализира и да се надминат сегашните состојби со малата инклузија на лицата со попреченост потребен е сеопфатен пристап и поврзаност на образованието, здравствениот систем и социјалната заштита.
Ова се дел од ставовите на учесниците на Конференцијата „Очи за еднаквост“ што во организација на Хелсиншкиот комитет се одржа денеска во Скопје.
– Доколку едно лице држите на социјална заштита со години го правите сè поисклучено од општеството и од пазарот на труд. Затоа треба да се направат напори образовниот систем и заштитниот систем да бидат во насока на вработување и инклузија на лицата таму каде тоа е можно – рече министерката за труд Мила Царовска обраќајќи се на конференцијата.
Таа смета дека е потребна функционална проценка на можностите на овие лица, а не само на нивната попреченост, како и трансформација на големите институции во помали како мали групни домови, згрижувачки семејства, односно институции најблиски до примерот на семејство.
– Јас сум за поголеми додатоци, но и за поголеми можности да се вклучат во пазарот на труд и општеството за да почувствува лицето дека самото заработува и да има повеќе самодоверба – рече Царовска.
Британскиот амбасадор Чарлс Гарет вели дека некои лица се раѓаат со попреченост, некои пак ја стекнуваат со тек на животот, но оти на сите нив им треба некаков вид поддршка или поткрепа од општеството.
– Од интерес на општеството е тие да бидат поддржани и вклучени во општеството и да ја одиграат својата улога во него. Тоа ги прави општествата силни и така ќе можат да се соочат со предизвиците наместо да се обидуваат да се преправаат дека тие предизвици не постојат – рече Гарет.
Справувањето со овие предизвици е патување без крајна дестинација, рече, и ниту едно општество не достигнало состојба на совршенство. Важно е да се идентификуваат итните приоритети и промените кои се потребни и потоа да се вклучат сите за тие да се реализираат.
Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ вели дека во изминатите дваесеттина години не се постигнати видливи резултати. Отсуствува системски пристап во справувањето со проблемот на инклузија на лицата со попреченост.
На конференцијата говореа и три лица со попреченост за нивната борба за вклучување во општеството, за пречките со кои на тој пат се соочиле. На останатите лица со попреченост им порачаа да не се откажуваат и да се борат за себе.