Јанис Бутарис, градоначалникот на Солун, денеска доаѓа во Скопје на средба со скопскиот градоначалник Петре Шилегов на која ќе се договара поблиска соработка меѓу двата града.
Бутарис во Скопје ќе се сретне и со премиерот Зоран Заев, со претседателот Ѓорге Иванов и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, а е планирана средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Во изјава за „Катимерини“ пред посетата на Скопје, Бутарис вели дека неговата посета не е поврзана со разговорите за прашањето за името, туку целта е да се развие соработката меѓу двата града.
– “Ние не се занимаваме со надворешна политика. Се обидуваме со дипломатија меѓу градовите да ги приближиме граѓаните на двете земји и заеднички да работиме за решавање на некои проблеми што ги имаме како соседи”, вели Бутарис.
Според Бутарис, голем број граѓани на Македонија доаѓаат во Солун за шопинг, забава и туризам. Целта на посетата на Скопје, вели, е да се изградат најдобри можни односи меѓу двата града, но верува дека оваа „дипломатија меѓу градовите“ ќе ја унапреди климата во двете општества, што е предуслов за изнаоѓање решение со консензуз.
Грчкиот весник, посочува дека Бутарис ужива голема популарност во Македонија и откако станал претседател на еколошката организација „Арктурос“го има посетено Скопје во многу наврати и секогаш, како што вели тој, со знаење на министрите за надворешни работи и на премиерите.