“Да не дозволиме новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ да биде марионета”, изјави пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски пред почетокот на седницата на Извршниот комитет, вечерва во штабот на партијата.
Тој додаде дека, барањата на членовите на партијата се добронамерни, со цел, како што рече, да не се дозволи, „новиот партиски лидер однапред да биде познат и избран во една недемократска и нефер трка за претседател на партијата“.
Коментирајќи ја изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во оставка Груевски, дека одлуката за одржување на вонреден конгрес била донесена едногласно, Милошоски рече дека, многупати досега разговарале со Груевски во четири очи, а било разговарано и на состаноци со поширокото партиско раководство, но нивните сугестии биле прифатени само декларативно.
Илија Димовски, пред почетокот на Извршниот комитет на партијата изјави дека нема да се кандидира за претседател, макар и бил одложен конгресот.
Тој додаде дека очекува рационална одлука на вечерашната седница на Извршниот комитет, каде најави дека официјално ќе ги презентира барањата за транспарентен избор на нов претседател и одложување на конгресот.
„Многупати досега дававме сугестии и забелешки, но во изминативе две недели нашите барања не беа соодветно третирани“, рече Димовски, кој е еден од потписниците на писмото што го потпишаа триесет високи партиски функционери кои јавно побараа одложување на изборот за февруари поради фаворизирање на еден кандидат.