ОТВОРЕНО ПИСМО ДО НИКОЛА ДИМИТРОВ, МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ
ПОЗНАТИ СЕ ГРЧКИТЕ БАРАЊА, А НАШИТЕ? – Георги АЈАНОВСКИ
Како граѓанин на Р. Македонија, роден во Грција, чувствувам потреба јавно да изразам поддршка и да ја поздравам решеноста на новата влада да преземе храбри чекори за надминување на долгогодишните недоразбирања со Грција, и во тој поглед да се изнајде прифатливо решение за нашето државно име. Притоа, наполно сум свесен за тежината на претстојниот преговарачки процес во кој што двете страни, македонската и грчката, ќе мора да демонстрираат висока толерантност и конструктивност во третманот на одделни отоворени прашања, доколку навистина сакаат да се дојде до очекуваниот позитивен исход. А тоа, без залажување, ќе бара спремност за неизбежни обострани компромиси и отстапки кои што во никој случај не би смеело да се доживуваат како нечиј пораз или победа. Силно сум уверен дека такво решение е можно и дека сите присутни стравувања искажани во однос на промената на името и наводната опасност од губење на нашиот национален идентитет ќе се покажат како неосновани и беспредметни.
Посебно ме радува што Вие како министер за надворешни работи, чиј родител ги доживеал страдањата на Граѓанската војна во Грција и беше еден од жестоките критичари на погубната политика на претходниот режим и нејзината антиквизациска авантура, ќе бидете во можност, користејќи ги искуствата од средбите со Метју Нимиц, компетентно и одговорно да застапувате и прашања од меѓусебните односи кои што во сегашната фаза на градење мерки на доверба оправдано не се споменуваат.
Морам да укажам дека македонската јавност до овој момент нема речиси никакви информации за досегашниот тек на подготвителните преговори, ниту пак ги знае основните рамки во кои ќе се движи нашата преговарачка позиција, за разлика од грчката страна која што подолго време отворено ги истакнува своите почетни услови и барања со кои ќе стартува во преговарачкиот процес. А тие, како што е најавено, покрај промената на името со некоја географска одредница опфаќаат и елиминација на сите форми и активности во Македонија, кои што според Атина, содржат одредени “иредентистички претензии” кон нивната држава. Притоа се мисли, пред сѐ, на отстранување на новопоставените антички споменици во Скопје и другите градови во внатрешноста, преименување на скопскиот аеродром “Александар Велики” и главниот автопат со истото име, а подоцна и прочистување на македонските учебници и историски трудови од настани и личности сврзани со некогашните македонски кралства, како и повлекување од јавна употреба на географски карти на кои што Македонија е прикажана во нејзините етнички граници.
Во тој поглед, сведоци сме дека македонската влада, поаѓајќи од сопствените согледувања и реакциите на пошироката јавност за штетните последици од неразумните постапки на претходниот режим во однос на антиквизациските прекројки, веќе презема чекори за нивно ревидирање и соодветна пренамена, овозможувајќи на тој начин во една поповолна клима да започне меѓусебен дијалог. Меѓутоа, не треба да се има илузии дека Грција ќе остане само на споменатите барања и дека во текот на преговорите, како што предупреди Љупчо Арсовски, поранешен македонски амбасадор во Атина, не ќе вклучи и некои други прашања што се од нејзин интерес.
Од тие причини, господине Димитров, очекувам дека во тие преговори македонската страна не ќе седи со скрстени раце и ќе премолчи проблеми од нашите меѓусебни односи, кои што по сите меѓународни правни норми не можат да се игнорираат и без чие решавање било каков постигнат Договор за пријателство и соработка ќе биде половичен и формален. Станува збор за права и обврски преземени од сите членки на ОН, меѓу кои спаѓа и Република Грција, а кои се однесуваат на почитувањето на основните човекови права и неприкосновеноста секој граѓанин самиот да ја определува својата национална, верска или политичка припадност што подразбира и заштита на правата на малцинските етнички заедници во тие држави. Поради тоа, на грчката влада ќе мора јасно да и се предочи примената на одделни дискриминаторски закони во таа земја кои што се неспоиви не само со европското законодавство, туку и со самите грчки уставни начела. Во таа смисла ќе наведам неколку примери кои што мислам дека Вам ви се подобро познати од мене:
По Граѓанската војна во Грција (1945-1949) во знак на национално помирување, во почетокот на педесетите години грчките власти донесоа закон, со кој што на сите нејзини граѓани кои од политички причини ја напуштиле земјата да можат да се вратат назад но, под единствен услов тие да бидат “Грци по род!” Со тој закон, кој што сеуште е во сила и недвосмислено содржи расни ограничувања, на десетици илјади поранешни грчки граѓани што немале таква родова припадност, им беше забрането враќањето во нивните родни краишта. Исто така, со него беа опфатени и околу дваесет илјади деца на возраст од 4 до 14 години кои што како жртви на таа војна биле принудени со или без своите родители да ја напуштат грчката територија. Во законското образложение, меѓудругото, било наведено дека сите тие наводно претставувале опасност по грчката национална безбедност, поради што се до денешно време ним им е забранет поврат во државата и остварување на нивните граѓански права.
Врз основа на слични закони, на овие граѓани (сегашни државјани на РМ), им беа одземени нивните имоти, како и грчките државјанства, без можност да поведат соодветни постапки пред грчките судови. За илустрација ставам на увид сочуван судски документ од тоа време, кој што најсликовито покажува на кој начин и со какви бесмислени законски процедури биле отуѓувани приватните имоти на граѓаните што не биле ,,Грци по род!”
Државната комисија за експропријација на Едеса (Воден), врз основа на Законот бр. 2536 од 1953 година и Законот бр. 2638 од 1953 година, решавајќи по предметот “напуштање на сопственичките права поради статус на бегалци во странство”, изврши експропријација на 66.405 квадратни метри земјоделски површини и 44.650 квадратни метри лозја на 17 сопственици на имот, жители на градот Едеса.
(Следат имињата на сопствениците, меѓу кои е името на мојот татко Евангелос Ајанис (Вангел Ајановски), со опис на одземени имоти).
Претресот се одржа во четврток, месец август 1958 гoдина, во просториите на Државниот оддел на Управата за земјоделие на Едеса, а со него претседаваше Александар Панајадини, претседател на Првостепениот суд на Едеса.
На претресот не присуствуваше ниту еден од 17 сопственици, поради тоа што побегнале во странство.
По извршените распити, Комисијата констатира: Врз основа на податоци добиени од роднини на лицата пребегани во странство, произлегува дека долуспоменатите жители на Едеса пребегале скришум во странство, без дозвола или патна исправа издадена од надлежните органи, и го напуштија градот Едеса повеќе години и не се вратија назад, туку упорно останаа да престојуваат во странство.
Комисијата притоа заклучува: според член 7 од Законот 2355 од 1953 година, постои свесно напуштање на грчката држава и напуштање на нивните имоти, поради што сиот наведен имот се става на располагање на грчката држава.
Рок за приговор е 30 дена. Решението е објавено на 16 октомври, 1958 година.
На крајот, посакувајќи Ви успех во претстојната преговарачка мисија, останувам со уверување дека таа ќе заврши со правични и фер резултати за обете страни и дека конечно македонско-грчките односи ќе излезат од ќор-сокакот на долгогодишните политички и историски предрасуди и ќе тргнат во насока на градење на примерна добрососедска соработка, онаква каква што заслужуваат народите на двете земји. За Република Македонија посебно, успешниот дијалог ќе има исклучително, да не речам историско значење, бидејќи тој ќе овозможи да се отстрани и последната пречка што не дели од влезот во НАТО, а истовремено ќе го трасира нашиот пристап до Унијата на европските држави кон која толку долго искрено се стремиме!