Со 376 гласа „за“ Христијан Мицкоски е избран за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше единствениот кандидат кој делегатите може да го заокружат на гласачкото ливче.
На вонредниот XVI Kонгрес на партијата кој се одржуваше во Валандово, од пријавените 438 делегати, за Мицкоски гласале 376, неважечки биле 52 ливчиња, а девет делегати воопшто не гласале. ВМРО-ДПМНЕ има вкупно 544 делегати.
Мицкоски доаѓа на чело на партијата откако до сега ја извршуваше функцијата генерален секретар.
Тој доаѓа на местото на Никола Груевски кој беше лидер на ВМРО-ДПМНЕ од 2003 година, а својата оставка ја најави на почетокот на месецот откако партијата ги загуби локалните избори одржани во октомври годинава.
Мицкоски е доктор по технички науки – машинство, вонреден професор на Машинскиот факултет во Скопје. Беше претседател на управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ. Магистрирал и докторирал на универзитети во Германија и Италија.