ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ – Горазд ЧАПОВСКИ

Сподели

Сосема очекувано, валандовската пастирска идила кулминираше со триумфот на волјата на неприкосновените братучеди. Суспендирајќи ги сите возможни стандарди по кои функционира една нормална, демократска партија ПОЛИТБИРОТО на Груевски и формално го верификуваше мандатот на човекот со “чиста мисла, голема верба и отворено срце”. Со 376 гласа “за” Христијан Мицкоски и официјално ја понесе престижната , високо-компетитивна партиска титула “најгорд послушник на Груевски”.

Со пригоден микс на соц-реалистички драмски патос и многубројни апотеози за колосалните достигнувања на најголемиот патриот на сите времиња, заврши гротескната, викенд-валандовска пасторала на Фамилијата.

И покрај длабоките далги во партиската база, и покрај многубројните правно-статутарни парадокси, и покрај  сите апокрифи со сомнителен авторски печат на “долупотпишаните’’- долгата рака на братучедите пресече-Христијан Мицкоски ќе биде новиот Емил Димитриев И ТОЧКА.

Во најкус можен рок , внимателно ќе бидат ,,демократски’’ октроирани неговите соборци, со кои заедно ќе ги испишуваат светлите страници на тажната, партиска демократска пост-вистина.

Нема  дилеми, уште од најавата за демисија од партискиот трон, Пастирот интензивно го промовираше својот посакуван пион со кого ќе се обиде да го одигра финалниот политички гамбит-амнестија на главните протагонисти од бизарната мас-продукција на долгометражните серијали на СЈО.

Она што пред две години не му успеа на Иванов, сега низ директни преговори со СДСМ, ќе се обиде да го хендла релативно анонимниот, довчерашен директор на ЕЛЕМ, Мицкоски. Сосема е јасно дека човекот кој нуди “ширки прегратки за сите’’ ќе послужи за проста транс-мисија на добро познатиот глас од темните аули на “белите двори’’.

Девалвирани до бесвест, комромитирани до апсурд, длабоко свесни за својата политичка инфериорност да мобилизираат повеќе од 50 баби, братучедите  и нивната мала, но жилава братја, викендов го инсталираа атоничниот Мицкоски, кој ќе треба ја одглуми фарсичната ролја на лидер на т.н конструктивна опозиција, која што ќе ги парафира сите “предавнички’’ задолженија кои се услов за деблокада на евро-атлантските интегративни процеси. Да, да меѓу нив и особено непријатната верификација на некое сложено име, erga omnes, секако .

За возврат братучедите ќе бараат амнестија и азил во некои од “пријателските”  егзотични архипелази , каде што непречено ќе можат да го арчат своето крваво “заработено’’ патриотско азно.

Секако, во крајно-лимитиранита ,,патриотска листа’’ нема да се најдат огромен дел од оние кои до вчера им робуваа на сопствените делузии  дека братучедите вечно ќе го контролираат тасот на македонската длабоко корумпирана Јустиција, а нивните имиња само ќе се препишуваат во нечиви, нови тазе-отпечатени тефтерчиња.

Да , после 15 години брутална партиска деспотија , Пастирот остава демолирана, девалвирана и крајно девастирана “дубиоза колектив’’ која полека , но сигурно гази по траекторијата која води до неминовна , апсолутна, политичка маргина .

За жал, братучедите ,,не ја препознаа можноста’’ па заедно со “делегатите” онака, чисто спортски, не се прошетаа до Демир Хисар. Таму има една институција, која што третира вакви сериозни, тешки дијагнози…