Градот Скопје ги известува граѓаните дека поради намалените вредности на загадувачките материи во воздухот се укинуваат вонредните мерки и интервентните препораки за намалување на загадувањето на воздухот што беа воведени вчера.
Со тоа, се укинува и бесплатниот превоз во автобусите на јавниот градски превоз, кој ќе се наплаќа според постојната тарифа.
Вонредните мерки и препораки Градот Скопје ги воведе по добиеното соопштение од Министерството за животна средина и просторно планирање дека праговите на алармирање на ПМ10 (200 µг/м3 во 2 последователни дена на 2 мерни станици и прогноза за стабилна временска состојба) беа надминати во деновите 25 и 26 декември 2017 година.
Овие мерки и препораки ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, а за што граѓаните ќе бидат навреме информирани.
И покрај расчистувањето на воздухот поради појавата на ветерот и дождот, Градот Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.