Избор на уставни судии и гласање за законот за јазиците

Сподели

Со утрешното продолжение на 27. пленарна седница на која на дневен ред се и изборот на уставни судии и Предлог-законот за употреба на јазиците, Собранието ја започнува работата во 2018 година и интензивната агенда најавена за првиот месец од годинава. Закажани се продолженија на вкупно шест седници, и две собраниски комисии. Засега се уште е неизвесно дали пратениците од опозициската партија ќе се вклучат во работата на Собранието.

Очекувањата се дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави идните чекори на партијата, меѓу кои и делувањето на пратениците, како што пред некој ден во интервју најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Засега, неофицијалните информации се дека тие од утре ќе се вратат во Собранието, но официјална потврда од партијата нема.

Утре напладне најавено е најнапред продолжение на 27. седница, на која на дневен ред се, меѓу другото, Предлог за избор на судии на Уставниот суд на Република Македонија, Предлог на закон за употреба на јазиците, во второ читање, измени и дополнувања на Законот за работните односи, прво читање, поднесен од 11.868 избирачи, во прво читање и неколку други закони и одлуки.

На 26-та седница на дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка, на 22-та се реформските измени и дополнувања на Законот за заштита на сведоци и Предлог на закон за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, двата по скратена постапка.

Закажани се и продолженија на 11-та, 13-та и 15-та седница, со по неколку точки на дневниот ред.
Во Собранието треба да се одржат и продолженија на собраниската Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија.

Пратениците во јануари ќе имаат интензивна агенда имајќи ги предвид веќе закажаните седници на комисии и пленарни седници, како онаа за ратификација на Договорот со Бугарија (15 јануари) и обраќањето на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг (18 јануари). Најавени се и други активности како средбата во рамки на процесот Жан Моне на 25 и 26 јануари во близина на Париз и друго.