„Тврдокорни“ повикуваат на граѓанска непослушност

Сподели

Граѓанските здруженија „Тврдокорни“, Светскиот македонски конгрес, „Преродба“ и Македонски обединети сили објавија повик за граѓанска непослушност како средство за спротивставување на „политичкото насилство врз македонскиот народ“.

„Во услови на сеопшти напади за разграбување на македонската државност ги повикуваме сите Македонци и пријатели на македонскиот народ на секое место низ разни облици на граѓанска непослушност да го одбраниме својот дом и да ја одбраниме скапо платената македонска државност“, стои во соопштението.

Кампањата за граѓанска непослушност, како што се посочува во соопштението, се води против внатрешните сили, како партии, организации, така и поединци кои вршат дејства во спроведување на плановите за разнебитување на македонската нација.

„Сите оние кои во таканареченото Собрание ќе гласаат за навестените антимакедонски закони ќе бидат сметани за непријатели на македонскиот народ. Посебно родените како Македонци кои ќе гласаат за законите како: Законот за јазиците со кој се воведува франкештајнска досега невидена двонационална држава. Договорот за добрососедство со Република Бугарија со кој македонската историја, а со тоа и македонската нација се третираат како бугарски. Планот 3-6-9 со кој се напаѓаат моралот и здравата духовна култура на македонскиот народ.

И на крај договарањата за името со кој македонското име во меѓународните односи му се предаваат во сопственост на јужниот сосед. Сите пратеници кои ќе учествуваат во гласањето на овие антимакедонски закони ќе бидат сметани како изроди од македонскиот народ“, стои во повикот.
Од здруженијата велат дека во наредните денови, недели, месеци на пошироката јавност ќе и даваат насоки за начините на изразување на граѓанската непослушност.