Апелацискиот суд Скопјe и денеска ќе разгледува жалби за продолжувањето на притворите на осомничените за насилствата во Собранието од 27 април, потврдија за „Мета“ од судот.
Оттаму велат дека денешните седници ќе бидат затворени за јавноста, бидејќи никој од осомничените не побарал нивните жалби да бидат разгледани на јавна седница.
Како што ни изјавија од судот, станува збор за осум или девет жалби, но, дали за сите денеска ќе има одлуки од второстепениот суд не можеа со сигурност да потврдат.
Велат дека се во постојано заседание и дека е е можно кон крајот на денот да ги објават одлуките по жалбите што ќе бидат разгледани денеска.
Минатата недела Апелацискиот суд на јавни и на нејавни седници ги разгледа и ги одби жалбите на поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, на актерот Владо Јовановски, на поранешниот директор на Македонската опера и балет, Игор Дурловски, на Оливер Поповски, Горан Ѓошевски, Мунир Пепиќ, Душко Лазаров, Митко Пешов, Оливер Раудлов, Богдан Илиевски и Илија Славевски, кои остануваат во притвор.
Минатата недела Апелација на јавна седница ја разгледуваше и жалбата за продолжениот притвор и на пратеникот Сашо Василевски, но, одлуката сè уште не е официјално објавена.
Кривичниот суд во Скопје на 27 декември им го продолжи притворот за нови 30 дена и на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Борис Дамовски, додека пратениците, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски добија мерка куќен притворот.
Сите се товарат за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.