Нимиц: Пакетот предлози не навлегува во идентитетот

Сподели

Посредникот на Обединетите нации, Метју Нимиц, во интервју за „Сител“ вели дека, според него во новиот пакет предлози на решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција, идентитетот на државата и народот е безбеден и верува дека со неговите идеи тој е повеќе зајакнат отколку оштетен.

“Мојот личен став е дека не навлегува во индентитетот, туку напротив го зацврстува и зајакнува идентитетот на државата и на народот. Од мојата комуникација со луѓето во вашата земја, сметам дека имаат многу силен идентитет, кој го поседувате многу години. Независни сте 25 години, но имавте идентитет и кога бевте дел од Југославија, имавте идентитет кога бевте дел од Кралството Србија и од Отоманската империја” вели Нимиц.

Тој не сакаше коментира што содржи пакетот кој им го дал на претставниците на Македонија и на Грција, но вели дека со него идентитетот е безбеден.

Според него, за разлика од порано, сега целата ситуација за решавање на спорот е променета и во Скопје и во Атина.

– Атина излегува од економска криза, поуверени се и пробуваат да играат поголема улога во регионот. Во Скопје имаме нова влада која се чини дека е посветена на решавање на проблемот. Сега имам две влади со сериозни луѓе, двајца серизони премиери и двајца министри за надворешни работи, тука е опозицијата и медиумите и еднаш ќе мора да донесете одлука. Сега е моментот бидејќи нема избори. Да не се чека уште 25 години – вели Нимиц.

Медијаторот вели дека со пакетот кој им го доставил на претставниците на Македонија и на Грција идентитетот е безбеден.

– Треба време за да размислат, потребни се три-четири дена, потоа разговор. Мојата идеја е да го посетам регионот доколку сакаат министрите за надворешни работи на двете земји и доколку се слободни во следните десетина дена. Да седнеме во двете земји и да имаме сериозни разговори за тоа што тие сметаат дека е корисно и да најдеме заеднички компромис – вели посредникот.