Јовески: Апелирам до политичките партии да не вршат притисок и да не се мешаат во вршењето на јавно-обвинителската работа

Сподели

-“Апелирам до политичките партии да не вршат притисок и да не се мешаат во вршењето на јавно-обвинителската работа, како што е случајот деновиве”, стои во изјавата на државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, по повод вчерашниот протест поради преквалификацијата на кривичното дело во случајот со смртта на четиригодишниот Алмир Алиу.

Тој нагласува дека обвинителите својата работа ја вршат и одлуките ги носат и ќе ги носат исклучиво врз основа на одредбите од законот и изведените докази.

-” Со моето доаѓање на функцијата Јавен обвинител на Република Македонија ветив дека одлуките нема да се носат врз основа на желби на партиските штабови или центри на моќ. Професионализацијата и враќањето на довербата во Обвинителството ми се основни принципи при вршењето на оваа одговорна функција. Политичките партии, без разлика дали се на власт или во опозиција, без разлика на етничка припадност, се заложија дека ќе ги тргнат рацете од Обвинителството, ќе ја почитуваат неговата самостојност и дека се залагаат за вистински реформи во правосудниот систем. Затоа барам, и во случајот кој деновиве ја бранува јавноста, да постапуваат согласно нивните јавно искажани и декларирани принципи” – изјави Јовески.