“ИМПАКТ”: Дигиталните алатки за демократија во Македонија ќе биде сè поважна

Сподели

Со панел-дискусија денеска во ЕУ-инфоцентарот, институтот „Импакт“ ја презентираше публикацијата „Дигитални алатки за демократија во Македонија: Преглед и перспективи”, која опфаќа анализа на четири постојни алатки за собирање информации од јавноста, како и две алатки кои ги советуваат гласачите.

Амбасадорот Ваутер Пломп, кој го отвори настанот поддржан од Холандската амбасада, ја истакна улогата на овие алатки како дополнување на демократските процеси, но и нивната сè поголема потреба при носењето на информирани одлуки од страна на граѓаните.

На самата панел дискусија, освен двете дигитални алатки на „Импакт“ – „Изборен компас 2016“ и „Локален избор 2017“, беше презентирана платформата „Пријави корупција“ на „Транспаренси Интернешнл – Македонија“, а Министерството за информатичко општество и администрација ја презентираше состојбата и плановите за иднина на Единствениот национален регистар на прописи – ЕНЕР.

Беа презентирани и успешни светски примери на дигитални алатки, кои се од отворен тип, односно се слободни за преземање и модификација, со што слободно може да се преработат за користење во Македонија. Беше посочено и дека треба повеќе да се промовираат дигиталните алатки за поголем број граѓани да дознаат за нив, со што ќе може полесно да се врши граѓански притисок и контрола на властите во поглед на решавањето на проблемите.

Беше заклучено дека дигиталните алатки имаат свои недостатоци, но и големи неискористени потенцијали и дека нивната улога во развојот на демократијата ќе биде сè поголема. Како главни недостатоци се истакнаа последиците од дигиталниот и генерацискиот јаз како и проблемите на самоодржливост, односно фактот дека тие најчесто се финансирани од грантови и после нивното завршување веќе не се ажурираат.

Во контекст на е-демократија и дигитални алатки, треба да се напомене дека „Гласомер“ на „Метаморфозис“, реализиран во 2011 година е пионер на ова поле.