Американскиот претседател, Доналд Трамп, потпиша одлука за продолжување со работа на американскиот воен затвор Гвантанамо, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп синоќа во Конгресот имаше обраќање кон нацијата и притоа потврди дека озлогласениот затвор во заливот Гвантанамо ќе остане отворен.
„Денес одржав уште едно ветување. Ја потпишав одлуката со која на министерот за одбрана, Џејмс Матис, му давам наредба да го задржи отворен затворот во Гвантанамо и да ја ревидира американската политика за воени затвореници“, рече Трамп.
Трамп побара од Конгресот да ја поддржи американската администрација по потреба да употреби сила во борбата против ДЕАШ и Ал Каеда, а најави дека САД ширум светот ќе продолжат да се борат против терористите.
Претходникот на Трамп, Барак Обама, не успеа да го исполни ветувањето за затворање на затворот во Гвантанамо, во кој во моментов има 41 притвореник.
Станува збор за затвор што САД го отворија во воената база на југот од островот Куба, во рамките на борбата против тероризмот по терористичките напади во септември 2001 година.
Поранешниот американски претседател Џорџ Буш го отвори тој затвор во јануари 2002 година, а во 2003 година во затворот имаше 680 притвореници.