СЦ “Борис Трајковски”, KRAFTWERK, 27. февруари

Сподели

 

СЦ “Борис Трајковски”, KRAFTWERK, 27. февруари

Германските пионери на електронската музика, легендарните KRAFTWERK ќе настапат во Скопје со извонредното 3D шоу од нивната актуелна и исклучително успешна светска турнеја. Концертот на KRAFTWERK во Скопје, како ексклузивен настан во организација на ТАКСИРАТ и Password Production, ќе се одржи на 27-ми февруари 2018 година во Вип Арена „Борис Трајковски“. Влезот за посетителите ќе биде отворен од 19:30 часот, а почетокот на концертот е закажан во 20:30 часот.

Спојувајќи ги музиката и перформативната уметност, 3-D концертите на KRAFTWERK претставуваат вистински „Gesamtkunstwerk“ – тотално уметничко дело кое ја открива сложеноста на односот помеѓу човекот и машините.

Билетите се продаваат преку продажната мрежа на MkTickets и онлајн на овој линк: http://mktickets.mk/nastan/kraftwerk-3d/

ЦЕНИ НА БИЛЕТИ:
ПАРТЕР (стоење) – 1.000 денари
ФАН ПИТ (стоење) – 1.200 денари
БЛОК 5, 6, 10 и 11 – 1.300 денари
БЛОК 3, 4 и 12 – 1.500 денари
БЛОК 7, 8 и 9 – 1.600 денари
ВИП (блок 13) – 2.000 денари

KRAFTWERK е една од највлијателните и најзначајните електронски групи во светот чие музичко наследство е легендарно и вонвременско! Како предводник на експерименталната сцена, со својата визија за иднината KRAFTWERK ја создаде музичката подлога за дигиталната ера на 21-виот век. Музиката на KRAFTWERK изврши огромно влијание врз цел спектар на музички жанрови: од електро до хип-хоп, од техно до синтпоп и не постои речиси ниту еден германски бенд кој толку често се наведува како извор на инспирација и авторитет за илјадници музичари. Поради пресудното влијание и применливоста на електрониката во музиката тие важат за бендот без кој модерната музика денес не би звучела исто.
Мулти-медијалниот проект KRAFTWERK е оформен во 1970 година кога Ralf Hütter и Florian Schneider го уредуваат нивното култно електронско студио „Kling Klang“ во Дизелдорф, Германија каде што се зачнати и продуцирани сите албуми на KRAFTWERK. Нивната музика, многумина веднаш ја нарекоа авангардна, а тие уште со дебитантскиот албум „Kraftwerk I“ ја наговестија револуцијата во современата музика. По некое време KRAFTWERK почнува да функционира како квартет и до средината на ’70-тите години на минатиот век KRAFTWERK достигна меѓународно признание за нивните револуционерни електронски звучни пејсажи и нивното музичко експериментирање со роботика и разни технички иновации. Меѓу останатите признанија за нивната работа, Ralf Hütter и неговиот поранешен партнер во 2014 година ја добија наградата Греми за животно дело.
За време на речиси 50 години постоење KRAFTWERK објавуваат десет успешни студиски изданија, како и неколку компилациски и два live албум, од кои последниот „3-D The Catalogue“ го објавија во мај годинава. Аудио и видео материјалите од ова издание ги сумираат бројните и значајни 3-D перформанси на бендот во најпрестижните музеи и концертни арени низ светските метрополи, кои ги одржаа од 2012 до 2016 година, а токму ова спектакуларно 3D остварување на KRAFTWERK ќе имаме прилика да го погледнеме во живо на концертот во Скопје.