Демонстранти и контрадемонстранти за името Македонија во Атина

Сподели

Демонстрантите ривали се судриле во центарот на Атина за време на големиот протест на плоштадот Синтагма против користењето на името „Македонија“ од страна на нашата држава, јавуваат грчките медиуми.

Според извештаите, полицијата користела солзавец за да ги раздвои групите демонстранти.

За време нa големиот националистички протест, истовремено се одржа и контра-протест поддржан од левичарски и анархистички здруженија и групи, кој е оддалечен нешто повеќе од еден километар од главниот настан.

Од грчката полиција преку соопштение наведуваат дека на протестот во центарот на Атина присуствувале 140 илјади граѓани, а од цела Грција дошле со 283 автобуси.

Грчкиот композитор Микис Теодоракис прв се обрати на големиот протест во Атина, свикан против употребата на терминот „Македонија“ во името на нашата земја. Славниот композитор упати остри критики до грчката влада, но и до нашата земја. Освен што кажа дека Македонија е грчка, тој побара и референдум, јави дописникот на МИА од Атина.

– Ако една грчка влада помисли да го стави потписот на земјата за сложено име, нема друг избор освен да го праша грчкиот народ. Упатувам повик до пратениците, кои го имаат тоа право да побараат референдум, рече Теодоракис.

Посочи дека тој и грчките граѓани не прифаќаат да бидат пасивни набљудувачи во период кога земјата се наоѓа во толку критичен момент.

– Јас сум патриот, го презирам и се борам против фашизмот во сите негови облици,но и во најопасниот облик – левоориентираниот, порача грчкиот композитор.

Во однос на прашањето за името ја спомена одлуката од 1992 на советот на лидерите на политички партии, под патронат на тогашниот претседател, кога беше одлучено терминот „Македонија“ да не биде вклучен во името.

– Кое било отстапување од оваа позиција ќе има катастрофални резултати за земјата, рече Теодоракис.

Во своето обраќање 93-годишниот грчки композитор, на граѓаните им порача дека се борел за единство на народот и дека „треба со овој проблем да се соочиме обединети“.

„Мики, ја менуваш историјата“, скандираа присутните, додека говореше грчкиот композитор.

Веднаш по говорот на Теодоракис, на присутните им се обрати митрополитот Доротеос како претставник на Светиот синод на ГПЦ.