РСБСП: Одвлеченото внимание ризик фактор во сообраќајот

Сподели

Управување моторно возило под одвлечено внимание, е ризик-фактор што ја загрозува безбедноста во патниот сообраќај, предупредува Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП).

Одвлечено внимание претставува пренесување на вниманието од безбедно управување со возилото, кон некоја друга активност, најчесто разговор на мобилен телефон, пишување СМС или допишување на Вајбер, играње игри, фотографирање, јадење, пиење, козметичко средување, слушање премногу гласна музика, набљудување на околината и природата, гледање по билборди, реклами, користење запалка за цигара, пушење итн.

Во Република Македонија не постои прецизна статистика за тоа колкав процент од сообраќајните незгоди се случуваат поради одвлечено внимание кај возачите, но  во Австралија тој процент изнесува околу 11 проценти од сообраќајните незгоди, а во САД околу 25 отсто.

 РСБСП затоа апелира до учесниците во сообраќајот да ги остават мобилните телефони додека учествуваа во сообраќајот, да бидат внимателни, фокусирани и концентрирани, да ги почитуваат сообраќајните правила, прописи и сообраќајната сигнализација.

Во Република Македонија, годишно, околу 160 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 6.000 лица се повредени во сообраќајни незгоди. На светско ниво, бројот на лица кои го губат животот во сообраќајни незгоди изнесува околу 1.3 милиони, а до 50 милиони секоја година се здобиваат со повреди од сообраќајни незгоди.

Причините за сообраќајните незгоди се различни, но најчесто се сведуваат на еден заеднички чинител – грешка на возачот, укажуваат од РСБСП.