Груби: САД итно да се вклучи во решавањето на спорот за името

Сподели

Претседателот на собраниската група за пријателство со САД, пратеникот Артан Груби, воедно Претседател и на Комисијата за Европски прашања, ја продолжи својата службена посета на САД со средби со повеќе свои колеги во Конгресот на САД.

Груби  оствари средби со Конгресмените Питер Роскам, Роберт Адерхолт, Џон Ретклиф, Кени Бак, Џон Муленар и Деби Дингл како и други Сенатори и Конгресмени.

 

Груби на средбите ги информирал дека парламентарното мнозинство и реформската влада имаат видливи и скоро одлични резултати во исполнување на домашните реформски задачи, заокружување на нормативниот дел на Охридскиот договор, како и дека е ратификуван Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Наша единствена пречка на патот кон НАТО и ЕУ е само спорот со Атина, a САД можат да дадат ценет придонес  во надминување на разликите како што придонесувале постојано во историски моменти за нас и регионот“, изјавил Груби.

 

Сите соговорници, без исклучок, истакнаа огромна поддршка за Македонија, готовност да помогнат преку конкретни дела, чекор кон полноправно членство во НАТО кој што ќе обезбеди оддржлив мир, сигурност, стабилност и економски развој.

На крајот, Груби побара од сите соговорници конкретно да помогнат преку јавни ставови, писма и барања со Кабинетот на Претседателот на САД,  за уште поактивно вклучување на Вашингтон во изнаоѓање на достоинствено решение, при што тие се заложија да помогнат и да комуницираат со Стејт Департмент по однос  на ова прашање.