МАКЕДОНИЈА – Студен бран од портокалова фаза денеска ја зафати целата држава. Утринските температури се движеа од -18 до -9 Целзиусови степени, а дневните ќе изнесуваат од -4 до 2 степена.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер. Утринската температура се симне до -15 Целзиусови степени, а дневната ќе се искачи до -2 степена.
Во текот на ноќта, почнувајќи од запад, ќе има врнежи од снег, кои до петок претпладне на некои пониски места ќе поминат во дожд, а локално ќе има и појава на замрзнат дожд. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер.
За време на викендот се уште ќе има слаб локален дожд, но ќе настапи значително затоплување што ќе услови нагло топење на снежната покривка.
Утрово најниската температура е измерена во Берово, –18 степени, во Скопје-Петровец и Крива Паланка -15, а во Куманово, Маврово и Крушево -14 степени. Во Ѓуриште се измерени -13, во Лазарополе и Пожаране -12 а во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Виница -11 степени. Во Гевгелија се измерени -5 степени, минус седум во Битола, минус осум во Прилеп, Дебар, Претор, Охрид, Струмица, Демир Капија, и -10 во Штип.
Најмногу снег, пак, има во Маврово, каде висината на снежната покривка изнесува 87 сантиметри, во Лазарополе 79, во Крушево 58 и во Пожаране се измерени 50 сантиметри.