На собири под мотото „Ние сме Македонија“ македонските иселеници во САД, Австралија и во неколку други земји вчера и денеска протестираат против промена на уставното име на Македонија.
На собирот во центарот на Вашингтон вчера учество зедоа организации и групи од Њу Џерси, Масачусетс, Њујорк и Вашингтон. Тие од македонската Влада бараат прекин на преговороте со Грција и заштита на македонскиот идентитет.
– Смислата на нашиот апел не е да критикуваме, ние не сме против никого и не шириме шовинзам, туку се работи за одбрана на основните права. Нашите предци се избориле државата да се вика Македонија и со борба го сочувале името. Тие ни го предале тоа право и наша цел е да го зачуваме. Едноставно е, изјави Горан Митревски, еден од лидерите на движењето „Ние сме Македонија“.
На протетот се обратија и Слобадан Петковски, свештеник на православната црква „Св. Кирил и Методиј“ од Њу Џерси, лидерите на Обединета македонска дијаспора, Александар Митевски и Мето Колоски, како и лидерите на Организација за македонски човекови права во Северна Америка.
– Денеска е значаен датум за македонските иселеници. Денес чествуваме 70 години од големата неправда што им е нанесена на децата бегалци од Егејска Македонија кога тие биле насилно иселени од своите вековни огништа, кажа во својот говор Колоски.
Ова, додаде, е првпат Македонци да се соберат во толкав голем број на Националната алеја (комплекс од разни музеи и споменици во историскиот центар на Вашингтон), и затоа ова е историски ден за Македонците во САД.
– Двете големи неправди со кои е соочена нашата земја е промена на имато како условот за влезе во НАТО и ЕУ и поставување на дополнителни услов за влез на нашата земја во ОН, наспроти фактот што Македонија ги исполни критериумите од членот 4 на Повелбата на ОН, изјави Митревски.
Од движењето наведуваат дека и покрај фактот што 137 земји ја имаат признато Македонија под уставното име, сегашната влада преговара за негова промена во услови кога Грција поставува максималистички барања и го негира македонскиот идентитет и нација.
„Ние сме Македонија“ бара големите сили да се вмешат во преговорите. Решението да се бара со меѓународна спогодба помеѓу двете земји гарантирана од постојаните членови на Советот за безбедност.
– Единствен начин да се пресече оваа речиси тридецениска загатка е меѓународна спогодба на која Грција треба да истапи од своите максималистички барања и нашата земја да влезе во меѓународните инситуции под уставното име, тоа е – Република Македонија, изјави Митревски.
Слични собири вчера и денеска се одржуваа во неколку градови во Австралија и Нов Зеланд, потоа во Холандија, Англија, Италија, Чешка, Словенија и Малта.
фотографија, Мелбурн, Мајкл Сејн