ЗАЕВ: Верувам дека е можно да се најде решение и оптимист сум ако притоа водиме сметка за достоинството и за идентитетот

Сподели

Премиерот Зоран Заев ја оценува средбата со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, што ќе се одржи неделава во Скопје и преговорите со медијаторот Метју Нимиц, како можност за приближување кон решавањето на проблемот што го има Грција со нашето уставно име.

– Верувам дека е можно да се најде решение и оптимист сум ако притоа водиме сметка за достоинството и за идентитетот. Мене ми е важно како тоа ќе го прими грчката јавност и дали ќе биде прифатливо низ нивните институции. Верувам дека и на грчките политичари и на премиерот Ципрас треба да им биде важно како тоа ќе биде прифатено овде од граѓаните на Македонија, но и како ќе помине низ институциите на системот – изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање по завршувањето на денешното судско рочиште за предметот „Поткуп“.

Тој посочи дека луѓето што преговараат се само поединци, а на крајот институциите на Македонија и на Грција се тие коишто одлучуваат.

 – Верувам дека може да се направи исчекор, можеби не до крај да се реши, но секако да се приближиме зашто деновите и месеците се трошат, а ние сакаме до летото да го имаме решено овој проблем. Верувам дека тоа сака да го направи и грчката страна – потенцира Заев.

Тој посочи дека ги информира претседателот на државата и опозицијата за текот на преговорите кога смета дека има потреба за тоа.

Најави дека по средбата со Нимиц наверојатно ќе следува и нова лидерска средба.