Министерот за правда Билен Саљији поднесе оставка поради случајот со малиот Алмир

Сподели

Министерот за правда Билен Саљији поднесе оставка од функцијата образложувајќи дека тоа го прави поради разнишаната доверба во судството кај јавноста, и кај него лично, по одлуката за преквалификување на обвинението за „случајот Алмир“.

Саљији одлуката на Јавното обвинителство ја нарече контраверзна и посочи дека веќе била оспорена од четирите јавни обвинители кои јавно го изразија своето негодување со одлуката.

„Судската власт е независна и таква треба да остане, но јас како прв човек на Министерството за правда, поради оваа разнишана доверба, чувствувам морална обврска да дадам оставка од функцијата. Не како акт на неуспех, ниту притисок, туку како акт кој се надевам ќе биде во правец на подигнување на свеста и вниманието на институциите и на целото општество во правец на бескомпромисните реформи на правосудството“, рече Саљији.

Поради преквалификувањето на случајот со малиот Алмир, за утре, во 13 часот, пред Владата на Република Македонија, најавен е протест на кој организаторите побараа од граѓаните со себе да понесат играчка или облека со цел симболично, преку мирен протест, да се спротивстават на одлуката на обвинителството.