Сите заинтересирани микро, мали и средни компании, како и граѓански организации можат да се пријават на јавниот повик на Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за труд и социјална политика „ОброкЗаСите“ кои со финансиски средства ќе помогнат да се реализираат најиновативните решенија за обезбедување храна за сиромашните граѓани, понудени на повикот.
– „ОброкЗаСите“ цели кон изнаоѓање на иновативно, системско и одржливо решение за обезбедување на храна за лица и семејства со реална потреба од поддршка на заедницата. Со решението ќе се овозможи вишокот храна од производителите на храна, дистрибутерите, трговците, угостителските објекти и домаќинствата што би сакале да бидат дел од оваа платформа, ефикасно да биде распределена и доставена до одредени места каде социјално загрозени граѓани имаат пристап – рече на денешната прес-конференција Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Тој додаде дека решението треба да претставува модел на взаемна интеракција на сите учесници во системот.
– Овој повик треба да овозможи да се најде иновативно решение за да се обезбеди храна на сите. Да осмислиме систем што ќе значи собирање на вишоците храна кои остануваат и во моментов завршуваат на отпадите и да се насочат кон оние граѓани за кои оваа храна значи многу бидејжи живеат во сиромаштија – рече Царовска.
Јавниот повик е отворен од денеска до 21 мај. Тој се однесува на сите микро, мали и средни претпријатија и граѓански организации што работат во доменот на социјалното претприемништво или имаат намера својата дејност да ја прошират на ова поле.
Вкупниот буџет за овој повик е два милиони денари. Директорот на Фондот Деспотовски информираше дека ќе се финансираат 90 проценти од вредноста на проектот, а 10 проценти ќе треба да покрие самиот апликант.
Од Фондот ги повикуваат и сите веќе постоечки иницијативи да се пријават и вклучат во јавниот повик, со цел, како што посочуваат, заеднички да се зајакне социјалната кохезија и да се генерираме општествена вредност.