Џафери: Прва годишна конференција на МФ по повод 26.годишнината од носењето на првиот Буџет на независна РМ

Сподели

“Собранието врши контрола на буџетот при разгледувањето и донесувањето на завршната сметка на Буџетот што Владата е должна да ја поднесе до 30 јуни секоја година.

Таа контрола е можна и преку институтот Пратенички прашања, потоа преку разгледување на Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија, па сè до можноста за надзорни расправи. Меѓутоа, останува отворено прашањето, колку како Собрание ги користиме на ефикасен начин овие деловнички и законски можности за контрола, како врз прибирањето, така и врз трошењето на парите на граѓаните.

Ако сакаме да бидеме критични и објективни, тогаш мораме да признаеме дека ние заостануваме од она што е вообичаена пракса во развиените демократски држави. Сепак, за волја на вистината, мислам дека и кај власта, односно парламентарното мнозинство, а сакам да верувам и кај опозицијата, има позитивни промени во разбирањето и практикувањето на улогата на Собранието при донесувањето на буџетот, но исто така и во однос на надзорната улога врз трошењето на народните пари. Односно, парламентарното мнозинство не сака да биде само гласачка машина, туку сака аргументирано да расправа за буџетот, независно ви-за-ви извршната власт. Таков, самостоен, критичен, но и одговорен пристап, очекувам и од опозицијата. Патем, да споменам дека неодамна на овие теми имавме и меѓународна конференција на која со нашите меѓународни партнери и пријатели расправавме токму околу надзорната улога на парламентот врз буџетското ќесе.

Верувам дека и денешната Ваша конференција ќе даде свој придонес во јакнењето на улогата на Собранието при донесувањето на буџетот, како и врз контролата на трошење, бидејќи како што реков на почетокот, само така можеме да градиме вистинска демократија, вистински функционални институции со максимална транспарентност и отчетност пред граѓаните.”

Обраќање на Талат Џафери