Видеото за „Поткуп“ не се прикажа јавно. Без новинари снимката во судница ја гледаа само обвинетиот Зоран Заев, неговите адвокати и обвинителството за организиран криминал.
– “Со целосното гледање на снимките се гледаат намерните. Двата прекина на снимките се заради, би рекол, зла намера да се оцрни моето лице. Таму во тој дел, се докажува токму тоа.
Кога се зборува за парите, се зборува за железо, за цемент, за тули, комплетно за организација за црквата. Мене ми е мило што судот ќе ги има предвид комплетните докази и убеден сум дека предметот треба да финишира, секако судот ќе се изјасни за тие работи”,- изјави Зоран Заев.
Апелацискиот суд ја прифатил жалбата на обвинителството, снимката од градоначалничкиот кабинет на Заев да не ја види јавноста. Одбраната се откажа од тројца сведоци. Премиерот очекува да биде ослободен од обвинението дека барал мито, а го местеле дека зел поткуп за да не ги објавува бомбите за криминалот на претходната власт.