Некоја жена го сонувала Господа во улога на продавач. Силно возбудена и со треперлив глас го прашала – што продавате драги Господе? Господ и одговорил дека продава сѐ што нејзе и посакува душата од духовните плодови. За само едно обично – благодарам. Жената станала крајно екзалтирана што конечно ќе си купи – убавина и богатство, среќа и љубов, мир и достоинство, здравје и благосостојба, слобода и почит. Сето тоа, за едно обично благодарам. Но, кога таа побарала да ги добие тие плодови Господ и рече: „Драга госпоѓо, тука продавам само семиња за тие плодови“!
Нам ни требаат повеќе видови семиња за духовни плодови.
Прво, ни треба семе за колективно духовно прочистување, оти станавме суштества со празен дух што сакаме да имаме сѐ без труд, знаење и учење. Имаме потреба од колективна терапија со тие плодови за да го вратиме нормалното. Оттука, нам може да ни помогне само тоа черчилското семе – солзи, крв и пот. Логиката на Белизе и острови на даночни раеви ни создадоа само колективен пекол. Користењето на партиските листи, од листата избриша повеќе стотина илјади способни кадри на кои насекаде по светот им е подобро отколку во својата земја! Минатата власт цело време се продаваше како најдобра мајка, а испадна најлоша маќеа. Велеа дека се најголеми домаќини, а ти биле најголеми расипници. Се прогласија за историски лидери. Историја колку сакаш, а лидерство не!
Второ, нам ни треба семе за плод што ќе ни го тргне од главата дека арамилакот е способност и доблест, дека лажговците се чесни, а криминаллците се родољубиви. Со децении, наместо божји плодови јадевме ѓавослки плодови, убави од надвор ама отровни од внатре. Колективно се труевме, и сега колективно страдаме. Жан Жак Русо вели – луѓето навикнати на ропство, не можат да ја разберат слободата. А Груевски вели дека сегашната влада ти била најлошата од независноста па наваму! Тие биле ептен добра влада, која осиромашила цел народ за да збогати шака луѓе-чудовишта! Државниот долг од две милјарди евра го покачија до фантастични шест милјарди, а граделе само потемкинови села. За таквите добрини зборува „Актор“ „Злетовица“ „Синохидро“„Сончев град“, плацевите на водно и многушто поврзани за Кипар, Лугано, Белизе, Кара, Сирах, кои сега се истражуваат под сериска буква „Т“. Но, изгледа ќе треба целата азбука од „А“ до „Ш“. Идол им бил Калигула кој градел мавзолеи, а и својот коњ го назначил за сенатор. Па затоа и нашиве граделе стиропор-мавзолеи, а и многу коњи назначиле за сенатори, судии, амбасадори итн.
Ми велат Груевски не е повеќе власт и не треба да се занимавам со него. И во право се, ама на луѓето сеуште ништо не им е вратено од украдените милијарди! А тој бројачник никако да проработи кај Капијата! Луѓето бараат некаква сатисфакција за загубената иднина, за страдањата, за отселувањата на нивните чеда. Чочек нека играат тие што имале среќа да градат автопат за цели 8 милиони евра по километар. А со слична конфигурација автопатот помеѓу Уба и Лајковце во Србија чинел 5,8 милиона по километар. За таква разлика со години заслужува да се игра не само чочек, туку и ламбада и сиртаки. Никој не помислува на тоа дека луѓето подобро е да ги повредите со вистината, отколку да ги тешите со лагата.
Трето, нам ни треба семе за искреност и чесност. Да се грижиме за општото како за своето. Да не ни наликуваат политичките партии на мафијашски организации. Кого правите наудрен кога после 12 години владеење барате на лекарите да им се покачат платите, силна економија, балансирани медиуми, без-тефтерче судии, зглемување на животен стандард, не-сваровски институции итн! Дури ќе обвинуваат и за Смилковско езеро, за Кумнаовски настани и за многу други работи кои самите ги фингирале! Кога би помислеле дека народот има барем грам интелигенција, треба длабоко да им се извинат за општото цунами во сите области. Ако Мицковски продолжува со истиот медицински третман и самиот ќе се зарази. Партијата од таквата болест никогаш не ќе може да оздрави, и ќе се погребува со колекцијата лопати од бившиот лидер. Од водачи со болен ум, може само лудница да ни се случи!
Но, ќе ни треба и семе за оздравување од партиска, етничка, верска и човечка омраза. Без тоа тешко дека ќе бидеме здрави, а уште помалку да имаме здрава држава. Со толеранција растат мали работи, а со омраза се уништуваат и големите работи. Но, ќе треба да си купиме и семе за нормален претседател, за да се спречат ненормални постапки, дури до ниво на државни удари. Срам да му е, ама ако некогаш пак избереме таква личност срам да ни е.
Четврто. Ќе ни треба и семе за непартиска екипа за преговори со ЕУ. Шансите да добиеме преговори се реални дури и без финален договор за името. Ако преговорите за името не финишираат, не треба да фатализираме. Напротив, со некаков чин да се констатира нивото на постигнатото со желба да се продолжи паралелно со процесот. Дури и поканата за НАТО што е врзана за одлуката за името може да се реши во процес, паралелно ратификациите од државите членки. За жал битката со името беше добиена за времето на Бучковски кога Грците се бореа против тоа процесите да се одвиваат со уставното име. Инсистираа на времената референца. Да не дојдеше Груевски на власт, државата во 2008 година ќе станеше членка на НАТО, а во 2011 на ЕУ. Сега не претекнаа сите кои со светлосни години беа зад нас (Хрватска, Црна Гора, Србија, Албанија).
Европската комисија направи храбар чекор, но ќе ни треба продлабочување на сегашната реформска динамика околу реформските приоритети, посебно во поглавјата околу судството, правдата,слободите и безбедноста на државата. Силен исчекор е и тоа што државата од состојба на длабока политичка криза стана држава во која постои јасна политичка волја за нормалност. Могерини бара консензус за одделни прашања, а тој не е лесен со оглед на тие што не биле присутни во салата додека зборуваше. Европскит совет е сосема блиску. Ако ги почнеме преговорите ќе ни треба волуминозна и максимално професионална екипа, но и силен административен капацитет, оти ќе се соочиме со голем број бенчмаркови, acquis communautaire, скрининзи во сите области, билатерлани меѓувладини конференции со државите членки итн. За тоа не се доволно семиња, туку зрели плодови.