Четирите стопански комори и Владата денеска потпишаа Меморандум за формално воспоставување на јавно-приватен дијалог.
Меморандумот за соработка треба да придонесе за поголема соработка помеѓу бизнис-заедницата и Владата, зајакнување на дијалогот меѓу јавниот и приватниот сектор, особено во делот на легислативата.
Директорот на Канцеларијата за развој на УСАИД, Македонија, Едвард Гонзаелс, оцени дека е зголемен дијалогот меѓу Владата и приватниот сектор во последните месеци.
– Коморите поаѓајќи од заедничките интереси во застапување на компаниите заедно со Владата ќе ги градат политиките кои ги засега секој сектор во стопанството, особено микро, малите и средните претпријатија – изјави Гонзалес.
Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, рече дека коморите и до сега биле партнери во донесување на законите, но биле противници во имплементирањето. Тој побара од Владата, да се прекине со практиката во минатото законите да се носат по скратена постапка и да се следи примерот со Австријците, односно ниту еден закон кој се однесува на бизнисот да не се носи без консултација со коморите.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев оцени дека потпишувањето на меморандумот е само формално заокружување на соработката што секојдневно владата ја има со бизнис-заедницата. Тој рече дека носењето на закони по брза постапка, негативно влијаеле врз бизнисите и затоа, како што кажа, сега компаниите се и премногу инклузивни во носењето на законите.
Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, потенцираше дека компаниите во минатото се соочувале со голем број на инспекции, селективна правда и борба со сивата економија и се надева дека оваа платформа ќе овозможи решавање на проблемите на бизнис-заедницата.
На денешниот настан во Владата беше презентирана и анкета направена помеѓу 177 компании членки на коморите која покажува дека се намалува паричното казнување на фирмите, а се зголемува бројот на опомени. Половина од фирмите исто така сметаат дека имаат високо даночно оптоварување и комплексна и нејасна регулатива, но и различно толкување на законите.
Во однос на ефектите од прогресивното одданочување 34 отсто се изјасниле дека тоа би било негативно, 28 отсто дека би било позитивно, а една третина од команиите не знаат што точно ќе се случи со прогресивното одданочување.
Како приоритетни реформи за подобрување на деловното опкружување, компаниите очекуваат ефикасно судство, намалување на сивата економија и на корупцијата.
Проектот на УСАИД – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ е спроведуван од „Епи центар интернационал“ во партнерство со коморите.