Во Кинотеката на Македонија вечер (9 мај) и на 13 мај ќе бидат прикажани победничките филмови на осмото издание на Филозофскиот филмски фестивал, а на проекциите ќе бидат присутни и режисерите на филмовите, добитници на наградата „Златен був“.
Вечер со почеток во 21:30 часот ќе биде репризно прикажан филмот „Граѓанинот“, кој од страна на жирито на Филозофскиот филмски фестивал беше избран за најдобар долгометражен филм.
На проекцијата ќе присуствува и унгарскиот режисер Роланд Враник. В недела (13 мај) со почеток во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Крај мене“, кој, пак, беше избран за најдобар долгометражен филм според публиката, а ќе биде присутен и режисерот на ова филмско издание, Теди Некула од Романија.
По прикажувањето на филмовите се предвидени модерирани разговори со гостите во кои што ќе може да се вклучи и публиката.